Bekim Laci
05 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, очекува Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западен Балкан, која ќе биде објавена утре, да содржи два главни аспекти за Република Македонија - почеток на преговорите оваа година заедно со Албанија, како и освојувањето на целта 2020-25 година за членство во ЕУ, јавува Anadolu Agency (АА).
Османи своите коментари ги даде пред работниот појадок со амбасадорите на земјите од Западен Балкан во Република Македонија: Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Црна Гора и Република Србија, при што истакна дека објавувањето на Стратегијата ќе биде историски момент, бидејќи ќе ја зацврсти европската перспектива на Западен Балкан по период на изоставување на овој регион, бидејќи, како што рече, минатото покажува дека изоставувањето на регионот оставило големо влијание врз регионот, кое било пренесено и на европскиот континент.
„Ова е рефокусирање на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, но и различен пристап, бидејќи се дава временска рамка со конкретни рокови кои државите мора да ги исполнат, што претставува притисок за општествата да се трансформираат, бидејќи интеграцијата во ЕУ не е само техничка, туку е и европеизација на општествата”, рече Османи.
Тој истакна дека 2025 година е годината кога ќе се приклучат првите земји од Западен Балкан, додавајќи дека Р. Македонија очекува почеток на преговорите со цел да се постигне целта до 2020-25 година, т.е да се стигнат Србија и Црна Гора, кои веќе имаат започнато преговори за членство.
Како што информираше Османи, Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западен Балкан, не определува конкретен датум за почеток на преговорите, што, според него, зависи дали ќе се направи по затворањето на политичките прашања на Македонија, со пособен акцент на прашањето за името со Грција.
„Датумот во голема мера ќе зависи од тоа. Ако ги затвориме отворените политички прашања, датумот во голема мера ќе зависи од затворањето на прашањето за името. За Македонија, важно е да ѝ се даде можноста да ги отвори преговорите по затворањето на политичките прашања и можноста да го фати крајниот рок 2025 (година) ако ги исполнува условите и критериумите”, објасни Османи.
На денешната средба со Османи присуствуваа амбасадорот на Албанија, Фатос Река, амбасадорот на Косово, Илбер Хиса, амбасадорката на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ, амбасадорката на Србија, Душанка Дивјак Томиќ и амбасадорот на Црна Гора, Предраг Митровиќ, на којашто покрај Стратегијата стана збор и за следниот циклус на Извештајот на Европската комисија за земјите-аспиранти за членство, за напредокот на меѓусебната соработка и добрососедските односи, како и за потенцијалот за соработка во рамките на Берлинскиот процес.