Балкан

Опозициските партии во Албанија одржаа антивладин протест во Тирана

Опозициските партии на протестот во Тирана побараа подобрување на економските услови на граѓаните, почитување на правата на граѓаните, гарантирање на слободни изборни процеси и формирање на привремена влада.

Fatjon Cuka  | 21.02.2019 - Обновена : 22.02.2019
Опозициските партии во Албанија одржаа антивладин протест во Тирана

ТИРАНА (АА) - Опозициските партии во Албанија одржаа антивладин протест во Тирана, на кој поддржувачите на опозицијата дојдоа и од другите градови во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).

Протестот пред седиштето на пленарната сала на Собранието на Албанија кој траеше неколку часа, беше организиран од страна на Демократската партија на Албанија (ПД) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), според нив, за подобрување на економските услови на граѓаните, почитување на правата на граѓаните, гарантирање на слободни изборни процеси и формирање на привремена влада.

Лидерот на опозицијата, а воедно и претседател на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша, во своето обраќање на протестот рече дека обединетите Албанци го започнале патувањето на надежта.

„Ние бараме за нашата земја, за нашата Албанија тоа што ни припаѓа. Ќе стојам до вашата страна во оваа битка, бидејќи верувам во европската демократија, верувам во американската демократија, верувам во слободни и чесни избори и во владеењето на правото кое ги брани граѓаните пред законот, и во поделбата и балансирањето на власта. Знам дека исто како и јас, веруваат сите граѓани на Албанија. Ние не сме народ на насилството, ние сме народ на слободата, ние сме европската иднина на земјата. Тука сме обединети со слободните луѓе на оваа земја“, нагласи Баша.

За време на протестот на кој учествуваа илјадници лица, не се забележани инциденти, освен фрлање димни бомби, а свои обраќања имаа и другите претставници на опозициските партии.

По завршувањето на протестот демонстрантите им се придружија на претставниците на опозициските партии кон седиштето на Собранието на Албанија, каде што ги доставија своите изјави за откажување од нивниот парламентарен мандат.

Од друга страна, Генералната полициска дирекција на Албанија, за избегнување на инциденти во протестот ангажираше стотици полициски сили до седиштето на Собранието на Албанија, но и за заштита на другите институции, а беше упатен и апел до организаторите да избегнуваат насилство.

Опозициските партии, ПД и ЛСИ, донесоа одлука за откажување на парламентарните мандати и инсистираат на формирање привремена влада.

По одлуката на опозицијата за протест и официјализирањето на иницијативата за откажување од мандатите, претседателот на Собранието на Албанија, Грамоз Ручи, донесе одлука за откажување на денешната парламентарна седница.

Потсетуваме, на 16 февруари во Тирана опозицијата одржа протест, на кој се случија тензии и судири, откако демонстрантите со различни предмети нанесоа штета на зградата на Собранието на Албанија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın