Балкан, Коронавирус

Од Турција во Босна и Херцеговина стигнаа 10.000 дози вакцини против Ковид-19

Авионот со вакцини на аеродромот го дочекаа министерот за безбедност на БиХ, Селмо Цикотиќ, и амбасадорот на Турција во БиХ, Садик Бабур Гиргин, а вакцините се наменети за вакцинирање на припадниците на безбедносните агенции на БиХ

Kemal Zorlak  | 17.04.2021 - Обновена : 18.04.2021
Од Турција во Босна и Херцеговина стигнаа 10.000 дози вакцини против Ковид-19 ( Foto: Elman Omic / Anadolu Agency )

САРАЕВО

На Меѓународниот аеродром Сараево со болнички авион пристигнаа уште 10.000 вакцини против Ковид-19, кои Турција ѝ ги донираше на Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).

Станува збор за втора пратка вакцини што БиХ ги добива од Турција, по првата од 30.000 дози што беше испратена на 28 март.

Контингентот од 10.000 дози вакцини од кинескиот производител „Синовак“ наменет е за вакцинирање на припадниците на безбедносните агенции на БиХ.

На аеродромот, авионот со вакцини го дочекаа министерот за безбедност на БиХ, Селмо Цикотиќ, и амбасадорот на Турција во БиХ, Садик Бабур Гиргин.

Цикотиќ се заблагодари на државата Турција, турскиот народ, како и на Министерството за внатрешни работи на Турција на чело со министерот Сулејман Сојлу.

Цикотиќ рече дека на посетите минатиот месец на Турција побарал од министерот Сојлу поддршка и помош во обезбедување вакцини за вакцинирање на припадниците на полициските агенции и агенциите за примена на законите што делуваат на ниво на државата БиХ, бидејќи, како што рече, тие не се во приоритетите на ентитетските листи за вакцинирање.

„На тој начин правиме повеќекратна корист. Нашите професионални полицајци ги правиме поефикасни во смисла на извршување на сложените работи со кои се занимаваат, но и ја јакнеме соработката помеѓу двете безбедносни структури, БиХ и Турција“, рече Цикотиќ.

Уште еднаш ѝ искажа благодарност на Турција што на овој начин ја покажува својата спремност да ја поддржи БиХ тогаш кога ѝ е потребно и порача дека ова е добар знак на соработка и борба против пандемијата, која практично го погодува целиот свет.

Амбасадорот Гиргин потсети дека Турција на почетокот на пандемијата ѝ помогнала на БиХ со испраќање медицинска опрема и маски.

„По посетата на членовите на Претседателството на БиХ во Анкара, а според наредбата на нашиот претседател (Реџеп Таип Ердоган), испративме 30.000 дози вакцини. Минатата седмица исто така испративме и одредена количина лекови. Овој пат обезбедени се вакцини за припадниците на безбедносните агенции на државно ниво“, рече Гиргин и додаде:

„Ова всушност е показател дека ние не ја поддржуваме БиХ само со зборови туку и преку конкретни чекори, низ кои покажуваме дека сме пријатели и браќа. Секогаш ќе ѝ пружаме поддршка на БиХ.“

Членовите на Претседателството на БиХ кон половината на март престојуваа во официјална посета на Анкара, а тогаш претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека Турција ќе ѝ донира на БиХ 30.000 вакцини против Ковид-19. БиХ е прва држава на која Турција ѝ донирала вакцини.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın