Aleksandar Savanovic
10 Октомври 2019•Ажурирај: 10 Октомври 2019
НОВИ САД (АА) - Во Нови Сад започна трилатералната средба меѓу претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и премиерот на Албанија, Еди Рама, јавува Anadolu Agency (АА).
По трилатералниот состанок, кој го иницираше српскиот претседател Вучиќ, официјалните претставници ќе имаат обраќање пред медиумите.
Како што беше најавено претходно, главна тема на средбата ќе биде подоброто поврзување на пазарите во регионот, а прв чекор во остварувањето на таа идеја би требало да биде потпишувањето на декларација за намерите.
Вучиќ, Заев и Рама за оваа тема неформално разговараа за време на неодамнешното Генерално собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк во септември. Претседателот на Србија тогаш најави дека на состанокот во Нови Сад ќе бидат конкретизирани плановите за создавање своевиден „мал Шенген“. Како што изјави, за таа идеја добил полн консензус од премиерите на Северна Македонија и Албанија. Намерата е и да се отиде чекор напред во однос на договорот ЦЕФТА, кој е доведен во прашање откако Приштина воведе такси од 100 отсто на стоката што доаѓа од централна Србија и БиХ.
Двајцата премиери и српскиот претседател состанокот го одржуваат во таканаречените „Титови салони“ на Петроварадинската тврдина.
Синоќа Заев, Вучиќ и Рама се прошетаа низ новосадските улици и присуствуваа на вечерата чии домаќини беа премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, и градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ.