БЕЛГРАД
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, за Anadolu Agency (AA) изјави дека неговата порака до сите луѓе во Турција е да дојдат во Србија и да се чувствуваат како дома, а тие ќе сторат сè да ги унапредат уште повеќе односите меѓу двете земји, за кои рече дека уште сега се најдобри во поновата историја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мојата порака до сите луѓе во Турција е дека сме многу добри пријатели, имаме најдобри односи меѓу двете земји во поновата историја и би сакал да видам повеќе турски луѓе, турски инвеститори, повеќе турско присуство во Србија. Мислам дека турскиот народ многу го сака Белград и мислам дека Србите го сакаат турскиот народ. Во однос на политиката, се почитуваме меѓусебно, но најважно, турскиот народ нема никакви проблеми тука во Србија, ниту во еден град во земјата, бидејќи Србите секогаш ги почитуваа Турците. Дојдете во оваа земја и се надевам дека ќе се чувствувате како дома, а ние ќе сториме сè да ги унапредиме уште повеќе нашите односи“, изјави Вучиќ.
Тој наведе и дека лично го примил речиси секој турски инвеститор, и дека ќе продолжи тоа да го прави, бидејќи тие сакаат да бидат задоволни од инвестициите и да стекнат уште поголем профит.
„Се надевам дека тие исто така ќе ја засакаат и почитуваат Србија на начин како што ние ја почитуваме Турција. Тоа значи, дојдете во Белград, дојдете во Србија и чувствувајте се како дома“, изјави српскиот претседател.
Вучиќ наведе и дека никогаш не се мешал во внатрешните работи на која било земја, и дека би сакал да му порача нешто на народот во Турција.
„Ве молам драги луѓе на Турција, имате своја агенда, но погледнете што имавте пред 20 или 15 години, како Анкара изгледаше претходно, и тогаш проценете кој навистина направил прекрасна работа за Турција и турскиот народ“, изјави тој.
Зборувајќи за посетата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на Србија на почетокот на неделата, Вучиќ оцени дека посетата била многу значајна, и додаде дека Турција е една од најзначајните земји и партнери на Србија.
Тој рече дека посетата на Ердоган била значајна во три аспекти. Како прво, тој ги издвои уште еднаш потврдените многу добри политички односи меѓу двете земји, засновани на меѓусебна доверба.
„Поради тоа сум му многу благодарен на претседателот Ердоган што покажа почит кон Србија и Србите. Иако имаме некои разлики во врска со некои работи, ние се консултираме еден со друг и разговараме еден со друг и претседателот Ердоган е заслужен за напредокот на нашите билатерални односи на политичко ниво, вклучително и регионалната стабилност, политичките разговори со другите актери на Балканот, како и целокупниот напредок во нашиот многу кревок регион“, рече Вучиќ.
Тој како втор значен дел од посетата го спомена економскиот напредок на двете земји. Пред две години, кога Ердоган минатиот пат ја посети Србија, трговската размена изнесуваше 800 милиони евра, а сега до крајот на годината ќе изнесува 1,2 милијарди евра.
„Тоа, како што можете да видите, е огромен напредок направен во текот на изминатите две години. Ние сме благодарни на турските инвеститори и климата што ја создаде претседателот Ердоган за можни инвестиции во Србија. Отсекогаш сум нагласувал и инсистирал на фактот дека само Турците сакаа да вложуваат во руралните области на Србија, додека сите други вложуваа во големите градови и автопатишта. Затоа сум им многу благодарен на овие турски инвеститори“, рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија успеала да привлече повеќе турски инвеститори и да привлече инвеститори од Србија да инвестираат во Турција.
Како трет значаен дел од посетата на претседателот Ердоган го издвои Трилатералниот самит на Србија, Босна и Херцеговина и Турција, кој во вторникот се одржа во Белград.
„Мислам дека присуството на Ердоган помогна да се стабилизира односот меѓу сите нас во овој регион и помогна да се донесе поголема одговорност и сериозност за сите нас во регионот, што е нешто на кое треба да работиме уште повеќе за да создадеме поголеми туристички, културни опции, за да може Турција да види што е тоа што ние го нудиме и како ќе го стабилизираме регионот. Затоа е многу важно што сите заедно го поставивме камен-темелникот за изградба на Автопатот Белград - Сараево, за кој ние, нашата работа ќе ја завршиме, и се надевам дека Босна и Херцеговина ќе го стори истото затоа што е важно за сите нас. Доколку го немаше Ердоган, не сум сигурен дека сето ова би се решило, па токму затоа беше важна неговата посета на Србија, од која сум многу задоволен“, додаде Вучиќ.
Во рамките на посетата на Ердоган на Србија, во понеделникот во Белград беше одржан српско-турски бизнис-форум, на кој присуствуваа стотици бизнисмени од двете земји. На прашањето што има Србија да им понуди на турските инвеститори, Вучиќ рече дека иако Турција е несомнено попрогресивна во однос на економијата од Србија, Србија сепак „убаво напредува во областа на ИТ и иновативната технологија“.
„Мислам дека Србија, имајќи предвид дека турската економија е попрогресивна од нашата, сепак убаво напредува во областите на ИТ и иновативната технологија, кои се токму секторите што можеме да ги понудиме на Турција. Тука е и земјоделската област каде исто така можеме да се понудиме, а она што ни треба е повеќе контакти меѓу луѓето и затоа е важно што е одржан српско-турскиот бизнис-форум, затоа што луѓето можат да се запознаат и да остварат некаков вид врски, што е најдобро. Мора да направиме сè што е до нас со цел да создадеме амбиент за тие меѓусебни врски да се создадат, и ова е тоа што државниот врв на Србија и Турција треба да го продолжи и во иднина“, рече Вучиќ.
Коментирајќи го тоа што Србија има клучна улога во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот на Западен Балкан, претседателот рече дека Србија работи на тоа да има поодговорен пристап кон другите земји во регионот, односно да не одговара на провокациите на другите.
„Ние сме мали, но сепак, поголеми од некои други земји во Западен Балкан и треба да бидеме многу порелаксирани кога зборуваме за некогаш интригирачките или арогантни зборови на другите. Треба да го избегнеме секој бесмислен одговор, но да сториме сè што е во наша моќ да го доближиме регионот. Сите ние сами не значиме ништо, но ако се здружиме, поради што и се состанувам со Заев и Рама, можеме да ги прескокнеме сите бариери. Тоа ќе биде огромен напредок и треба да работиме на тоа. Ќе ги вложам своите напори да создадам подобар амбиент и да ги привлечам сите земји кон поблиска соработка со Србија. Ова е она што треба да го сториме и мораме подобро да се разбереме меѓусебно. Секако, мораме да тргнеме од себе за да го сториме тоа“, рече Вучиќ.
Говорејќи за ставот на Србија кон Европската Унија, но и за нејзиниот однос кон другите земји, како што се Турција, Русија и Кина, Вучиќ рече дека неговата работа е да стори сè што е можно за да се заштити земјата и луѓето кои живеат во неа.
„Сите ние треба да водиме сметка сами за себе, нашата работа е да сториме сè што можеме за да ја заштитиме земјата и нашите национални интереси, да ги заштитиме нашите луѓе. Ова значи економски и политички придобивки. Србија е на пат кон ЕУ и тоа е нашата стратешка цел, да бидеме полноправна членка на ЕУ, но никој не може да ни гарантира дека тоа воопшто ќе се случи, како и дали ќе се случи наскоро. Во меѓувреме, нема да си пукаме самите себеси во нозе, загрозувјаќи ги нашите врски со Турција, Русија или Кина. Имаме пријатели, се однесуваме како независна и суверена земја. На пат сме кон ЕУ, но донесуваме одлуки со кого сакаме да соработуваме и сакаме да соработуваме со Турција, Кина, Русија и другите земји во светот. Затоа нашите луѓе нè избраа нас“, заклучи Вучиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
