Zylfije Adem Jakupi
22 Декември 2020•Ажурирај: 22 Декември 2020
ПРИШТИНА
Уставниот суд на Косово го прогласи за неважечки гласот на пратеникот Етем Арифи при изборот на Владата на Авдулах Хоти, поради што претседателот на Косово треба да распише нови избори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Уставниот суд го прогласи за прифатливо барањето на Движењето „Самоопределување“ за прогласување за неважечки на гласот на пратеникот Етем Арифи, кој во време на изборот на Владата на Косово бил правосилно осуден на една година и три месеци затвор.
Во пресудата доставена до медиумите се наведува дека Судот констатирал дека во согласност со членот 71.1 на Уставот на Република Косово, во врска со членот 29.1 на Законот за општи избори, лице што е осудено со правосилна судска одлука за кривично дело во последните три години не може да биде кандидат за пратеник, ниту да добие важечки мандат во Собранието на Република Косово.
Понатаму се констатира дека одлуката на Собранието на Република Косово за избор на Владата на Република Косово од 3 јуни 2020 година не е во согласност со ставот 3 на членот 95 на Уставот на земјата, бидејќи Владата не го добила мнозинството гласови од сите пратеници во Собранието на Косово.
Уставниот суд на Косово констатираше дека земајќи предвид дека Владата не е избрана во согласност со Уставот, врз основа на Уставот, претседателот на Република Косово распишува нови избори кои мораат да се одржат најдоцна 40 дена од нивното прогласување.
Во соопштението на пресудата се наведува дека оваа „пресуда нема повратно дејствие и дека врз основа на принципот на правна безбедност, одлуките на Владата остануваат на сила, а Владата останува да функционира до изборот на нова влада.“
Уставниот суд на Косово на 2 декември одржа петчасовна јавна седница на сослушување, на која е разгледано барањето на Движењето „Самоопределување“ да се разгледа оценката на уставноста на одлуката од Собранието на Косово од 3 јуни 2020 година во врска со изборот на Владата на Косово.
За избор на Влада во Собранието на Косово потребно е просто мнозинство од гласовите на пратениците или 61 глас, а одлучувачки беше гласот на пратеникот Арифи.