Toni Avramov
01 Декември 2017•Ажурирај: 02 Декември 2017
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Прифатниот транзитен центар за бегалци „Винојуг“ во Гевгелија денеска беше посетен од страна на заменикот-министер за внатрешни работи на Република Македонија, Агим Нухиу, директорот за јавна безбедност, Лазо Велковски и од првиот заменик-министер за внатрешни работи на Република Чешка, Јири Новачек, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта за присуството во прифатниот центар е посета на полициските службеници од Чешката Република, кои се вклучени во заеднички активности со македонските полицајци околу спроведувањето на предметните надлежности со мигрантската криза.
Заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу изрази благодарност за финансиската помош од страна на Чешката Република.
„Без оглед на тоа што Министерството за внатрешни работи на Република Македонија има капацитет да ги остварува сите предметни надлежности, не само во јавната безбедност и во областа на државната безбедност, имаме потреба да ја продолжиме нашата соработка со Чешката Република, не само во предизвикот за справување со мигрантската криза, туку и во сите сегменти што се пропишани со закон“, изјави Агим Нухиу.
Првиот заменик-министер за внатрешни работи на Чешката Република, Јири Новачек, истакна дека му е особено задоволство што имал можност на самото место види како се одвивала мигрантската криза, притоа додавајќи:
„Морам да го искажам моето воодушевување од отворањето на овој центар и од тоа како се заштитува границата, односно котата 59. Како што дознавме на денешната обиколка, мигрантската криза се решава во третата етапа, а тоа е решавање на организираниот криминал во врска со шверцување мигранти. Сфативме дека најосновна е идентификацијата на мигрантите, или економските мигранти, и соработка со останатите земји во размената на информациии“.
На средбата присуствуваа и полициските службеници од двете земји, придружувани од своите претпоставени офицери.
Генерал Вон Драшек истакна дека „Република Чешка не ја гледа само како земја што дава помош, туку овдешното присуство на чешките полицаји е и големо искуство, бидејќи Република Чешка се наоѓа во центарот на Европа, со што од друга страна ја изразува својата соодговорност за безбедноста на Европа“.
Како што се истакна на средбата, соработката со Република Чешка ќе продолжи и понатаму, а таа ќе резултира и со финансиска помош.
Инаку, моментално, во транзитниот центар „Винојуг" има само четворица бегалци.