Besar Ademi
01 Декември 2017•Ажурирај: 02 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија на 25. седница го одобри укинувањето на имунитетот на шест членови на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, поради притвор за насилните настани од 27. април во Собранието, јавува Anadolu Agency (АА).
Мерката притвор за пратениците во македонското Собрание беше поднесена на 28. ноември оваа година, од страна на Основниот суд Скопје - Одделение за организиран криминал и корупција. Овие пратеници се меѓу 36-те лица кои се обвинети од страна на Основното јавно обвинителство за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во врска со настаните од 27. април.
На 25. седница не присуствуваа 51 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, но отстранувањето на имунитетот бара просто мнозинство. Собранието гласаше поединечно за секој од пратениците.
Со ова заврши постапката предвидена во Деловникот на Собранието и во Уставот, за укинување на имунитетот, но и покрај тоа, шесттемина пратеници ќе останат во функција додека потенцијалната одлука на Кривичниот суд не стане правосилна и ако лицето биде осудено за кривично дело за што се изрекува казна затвор од најмалку пет години.
Пратениците за кои е поднесена мерката притвор се Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска.
Седницата на Собранието за укинување на имунитетот беше закажана вчера, од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери, откако Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања предложи да им се укине имунитетот на шесттемина членови на Парламентот.
Инаку, вечерта на 27 април, по избирањето на Талат Џафери за претседател на Собранието, демонстрантите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Законодавниот дом, насилно влегоа во оваа институција. Како резултат на насилството на демонстрантите, чија цел беа пратениците, беа повредени околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.