Shpetim Hiseni,Abdulbesar Ademi
07 Февруари 2025•Ажурирај: 08 Февруари 2025
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија соопшти дека неколку образовни установи во главниот град Скопје и во други градови во земјата се евакуирани поради дојави за поставени бомби, јавува Анадолу.
Како што јавуваат локалните медиуми, утрово на официјалните е-адреси на образовните установи пристигнале дојави за поставени експлозивни направи.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека закани за бомби имало во неколку училишта во населбата Аеродром, во Општина Центар и во Штип.
По дојавите, полицијата на местата на настаните презеде мерки за безбедна евакуација на учениците и вработените.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, рече дека овие дојави се лажни. Тој го нарече ова „кибернапад“ насочен кон предизвикување немир меѓу наставниците и учениците.
Дојави за бомби има пријавено и во училишта во Тетово, Охрид и Куманово.
Во многу училишта, по проверките од страна на МВР, наставата е продолжена, а повеќе информации за овие инциденти се очекуваат во текот на денот.
Потсетуваме дека слични дојави за бомби во училишта, институции и други места, главно во Скопје, имаше на крајот на 2022 година, кулминирајќи на 16 декември кога меѓу целите беа хотелот во кој беше организиран настан со учество на поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој последователно беше откажан, како и Меѓународниот аеродром „Скопје“.
Тогаш надлежните органи по проверката констатираа дека сите закани се лажни.