Husameddin Gina
01 Ноември 2018•Ажурирај: 02 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Македонската академија на науките и уметностите денеска беше организирана научната конференција „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, јавува Anadolu Agency (AA).
На научната конференција свое излагање имаше претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити, кој истакна дека загадувањето е светски глобален проблем.
„Македонија, за жал, влегува во редот на земјите каде што прогресивно години наназад доаѓа до влошување на квалитетот на животната средина“, истакна Таки Фити.
Тој посочи дека целта е да се даде јасна и кратка дијагноза на состојбите со големите градови кои се загадени и кои се главните извори на загадувањето во нив.
„Генералниот проблем е имплементацијата, значи, не се спроведуваат законите. И тоа се гледа и со голо око. Тоа може да го видите перманентно“, нагласи Фити.
На научната конференција која ќе трае два дена, голем број академци, експерти во областа на животната средина ќе бараат решение за проблемите со загадувањето во градовите на Република Македонија.
Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, истакна дека соработката со академската, бизнис-заедницата и невладините организации е суштински предуслов за решавање на проблемите со загадувањето.
Таа истакна дека идејата е да се започне со спроведување на мерки кои се наједноставни за да можат веднаш да се реализираат и кои имаат најголемо позитивно влијание врз намалување на загадувањето.
„Ние сакаме сите да поседуваме возило, меѓутоа, не сме подготвени да се откажеме од нашиот комодитет да одиме со јавен транспорт, да го споделиме возилото, наместо сами да одиме на работа, да ги земеме своите комшии кои одат во истиот правец. Имаме многу мерки кои ние самите можеме да ги реализираме”, изјави Ана Петровска.
На новинарско прашање кога може да се очекуваат разултатите од активностите за да се намали загадувањето, Ана Петровска рече: „Тоа е многу тешко прашање. Не можам да ви кажам дали ќе можеме оваа сезона. Меѓутоа, работиме на тоа, еве барем наредната грејна сезона да имаме некакви видливи резултати.“
На научната конференција која ќе трае два дена, голем број академци, експерти во областа на животната средина ќе бараат решение за проблемите со загадувањето во градовите на Република Македонија.