Ivana Ramadanova
20 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Многу е важно да се задржи политичката стабилност во земјата и тоа е став на Академијата за сите прашања, особено за прашањата што се сензитивни и од областа на меѓуетничките односи, истакна претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, на денешното редовно годишно собрание, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на погледите и ставовите на МАНУ во врска со проблемите што Република Грција ги има со уставното име на нашата земја, Фити истакна дека развојот на добрососедските и пријателски односи со Грција е од приоритетен интерес за македонските граѓани, бидејќи како што рече, со јужниот сосед нè поврзува традиционално пријателство, заеднички економски и други интереси и големи можности за научна и културна соработка.
„Заради поскоро доаѓање до заемно прифатливо решение, МАНУ ги охрабрува политичките водства на двете страни да ја преземат одговорноста и храбро да се соочат со реалностите на времето и потребата за градење перспективи за заедничка иднина“, истакна Фити.
Тој потенцираше дека никој нема легитимно право да преговара за прашањето за националниот идентитет на македонскиот народ, за името на македонскиот јазик, за промена на Уставот и за другите прашања што навлегуваат во нашиот идентитет.
„Предлозите името Република Македонија или евентуално име со географска одредница, да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името на јазикот - македонски, исто така, да се пишува со латинско писмо и да се изговара како што тоа се прави во нашата земја, се апсурдни, неодржливи. Тие, суштински гледано, навлегуваат во идентитетските прашања и според тоа за нас се неприфатливи“, додаде Фити.

Зборувајќи за прашањето за употребата на јазиците на заедниците во Република Македонија, претседателот на МАНУ потенцираше дека сите заедници што живеат во Република Македонија имаат легитимно право да бараат унапредување на употребата на нивните јазици, тоа се однесува и за албанската и за сите други заедници што живеат во земјата.
Тој рече дека за ваквите прашања е потребна мирна атмосфера со заемна толеранција меѓу сите политички актери и чинители со заемно разбирање, и мора да се носат одлуки без никакви наметнувања, без никакви уцени или условувања од која било страна да доаѓаат.
На денешното редовно годишно собрание беше усвоен и Извештајот за работата на МАНУ во 2017 година и Програмата за работа на МАНУ во 2018 година.