Zylfije Adem Jakupi
25 Јули 2023•Ажурирај: 26 Јули 2023
ПРИШТИНА (АА) – Седумдесет и четири нови припадници на косовската полиција денес почнаа со работа во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население, јавува Анадолу.
Заменик-директорот на полицијата на Косово за регионот на Северна Митровица, Ветон Елшани, за Анадолу потврди дека на северот почнале да работат вкупно 74 нови полицајци, од кои 46 се од српската заедница.
„Можам да потврдам дека во северниот дел на Косово веќе почнаа да работат вкупно 74 нови полицајци, од кои 46 се од српската заедница, 17 од бошњачката заедница, тројца од турската заедница, четворица од египетската заедница, двајца од ромската заедница и двајца од заедницата Ашкали“, нагласи Елшани.
Тој додаде дека полицајците биле меѓу кадетите што дипломирале овој месец на церемонијата во Приштина на која присуствуваа косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.
Повеќе од 500 полицајци од српската заедница ја напуштија полицијата на Косово на почетокот на ноември минатата година, како одговор на одлуката на Владата на Косово да ги забрани старите српски регистарски таблички. Поради неговото одбивање да ја спроведе таа одлука, суспендиран е директорот на косовската полиција за регионот на Северна Митровица, Ненад Ѓуриќ.