Furkan Abdula,Agim Sulaj,Fatjon Cuka
09 Јули 2022•Ажурирај: 10 Јули 2022
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Бројни верници се собраа во џамиите во Северна Македонија, Албанија и Косово да клањаат Бајрам намаз, означувајќи го почетокот на еден од најголемите муслимански празници, Курбан бајрам, јавува Агенција Анадолија (АА).
- Северна Македонија -
Во Северна Македонија, централната церемонија се одржа во Мустафа-пашината џамија во Скопје, во присуство на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаху, како и на муфтии, претставници на други верски институции и бројни верници.
За време на програмата пред молитвата, хорот на медресата „Иса-бег“ рецитираше делови од Куранот и илахии на албански, македонски, турски и босански јазик.
По молитвата, бајрамската хутба ја одржа поглаварот на ИВЗ, кој пренесе пораки за мир и солидарност, а подоцна во изјава за медиумите укажа на важноста на курбанот, што е одлика на овој празник.
„Големиот празник Курбан Бајрам е празник на подготвеноста за жртвување за големи вредности кои кои водат кон задоволството на Семоќниот Алах, но и до радоста на сите луѓе, особено на сиромашните, кои имаат потреба да живеат како сите други“, рече Фетаху.
- Албанија -
Муслиманските верници во Албанија клањаа Бајрам намаз во џамиите во земјата, но и на градските плоштади.
Централната програма за молитвата во Албанија се одржа на Плоштадот „Скендербег“ во Тирана, со учество на илјадници верници.
Рецитирањето на делови од Куранот, предавањата и бајрамската хутба беа дел од централната програма во Тирана.
Бајрам намаз се клањаше и во џамиите низ Албанија, собирајќи ги на едно место муслиманските верници.
- Косово -
И во Косово, муслиманските верници клањаа Бајрам намаз во сите џамии во земјата.
Голем број верници се собраа во големата џамија на главниот град, „Султан Мехмет Фатих“ во Приштина.
Бајрамската хутба ја одржа поглаварот на Исламската заедница на Косово (ИЗК), муфтијата Наим Трнава, кој рече дека Курбан бајрам е еден од најважните празници за муслиманите.
Трнава нагласи дека со повлекување на мерките против пандемијата, муслиманските верници имаат прилика да го извршат и аџилакот, за тоа рече тој, денес имаат двојна радост.