Балкан

МИСЛЕЊЕ - Како, со текот на времето, подобро го разбрав Алија Изетбеговиќ

Многу пред Владимир Зеленски, циничната класа на меѓународни дипломати и преговарачи му понудила избор на Алија Изетбеговиќ помеѓу уништување на неговиот народ и неговата држава

Dr. Emir Suljagic  | 08.08.2022 - Обновена : 09.08.2022
МИСЛЕЊЕ - Како, со текот на времето, подобро го разбрав Алија Изетбеговиќ

Пишува: Д-р Емир Суљагиќ

- Авторот е директор на Меморијалниот центар Сребреница. Хонорарно предава на Одделот за меѓународни односи на Интернационалниот универзитет во Сараево (IUS). Суљагиќ е автор на две книги: „Етничко чистење: политика, насилство - кампања на српското етничко чистење во поранешна Југославија“ и „Разгледници од гробот“.

САРАЕВО (АА) - Го сретнав само еднаш. Се симнуваше по скалите од Домот на армијата во центарот на Сараево. Бев студент кој летниот распуст го поминуваше волонтирајќи на конференција за геноцидот. Додека се разминувавме, тој климна со главата, а јас возвратив и го поздравив најљубезно што можев. Всушност, бев лут на него.

- Изетбеговиќ беше премногу хуман во професијата во која владее нечовечност -

Со Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на независна Босна и Херцеговина, секогаш имав комплициран однос. Откако излегов од Сребреница, имав многу прашања за тоа каков мир потпишал и на каква држава се согласил. Ако ништо, бев етатист и верував дека државата со која требаше да излеземе од Дејтонскиот мировен договор би требало да биде посилна и поцврста. Изетбеговиќ го сметав за мек, премногу хуман во професијата во која владееше нечовечност, несоодветен за опкружувањето во кое дволичните дипломати пиеја и вечераа со воени профитери.

Неколку години подоцна, го интервјуирав поранешниот американски амбасадор во Хрватска, Питер Галбрајт, за мојот весник „Дани“. Тоа на многу начини ми ги отвори очите. Во момент на исклучителна искреност за еден дипломат, Галбрајт ги објасни надворешнополитичките разбирања на САД, кога вршел притисок врз хрватската и босанската влада да ја запрат заедничката офанзива пред да влезат во главниот град на босанските Срби, Бања Лука, во септември 1995 година.

- Амбиентот во кој морал да делува бил тежок -

Главната грижа во водењето на преговорите и постигнувањето мир во Дејтон беше обезбедување стабилност на српскиот режим на Слободан Милошевиќ. САД беа загрижени дека во Србија би можело да дојде до политичка нестабилност како 'последица на бегалскиот бран од 400.000 луѓе кои би се преселиле (...) и катастрофата што тоа би ја предизвикало'.

Ми падна на памет дека три месеци по падот на Сребреница, и покрај сите докази што Владата на САД морала да ги има за тоа - американските власти за среќа ги предадоа значајните докази на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (ICTY), како и значајна помош во истрагата - и понатаму првенствено се занимаваше со зачувување на режимот на Милошевиќ. Сметав дека одговорот на САД е крајно циничен. Тоа исто така ме натера да размислувам за меѓународниот контекст и опкружување во кои Алија Изетбеговиќ морал да делува.

- Никогаш не можеа да преминат преку фактот дека е муслиман -

Денеска разбирам дека на Алија Изетбеговиќ многу порано отколку на Владимир Зеленски му е понуден избор помеѓу уништување на неговиот народ и делење на неговата држава од циничната класа меѓународни дипломати и преговарачи. Без оглед на сите љубезни зборови што западниот дипломатски и политички естаблишмент му ги упати нему по неговата смрт, вистина е дека во текот на деведесеттите го одбиваа во верска смисла. Да, тој беше муслиман и тие преку тоа никогаш не можеа да поминат. Кога со него се преговараше, геноцидот над неговиот народ се сметаше за легитимно дипломатско оружје.

Никогаш не разговарав со Изетбеговиќ, но во подоцнежните години, како единствен босански дописник од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, имав прилика да читам што говорел кога надворешниот свет не слушал, на состаноците со другите шефови на држави, премиери, министри и таканаречените 'специјални претставници'.

- Беше одлучен, се бореше за својата држава -

Да бидам искрен, барав докази за верувањата што ги имав за него, но наидов на нешто сосема друго. Наидов на одлучен човек способен да се бори за својата држава, за граѓаните на Босна и Херцеговина и своите вредности, дури и кога е најслаб. За Босна и Херцеговина беше невозможно да стекне независност под какви било околности освен оние од летото 1990 година до пролетта 1992 година.

Тоа беше редок момент во историјата на меѓународен план, но подеднакво значаен на регионално ниво. Алија Изетбеговиќ го препозна тоа и делуваше во согласност со тоа. Да не беше неговата способност да го препознае тој момент и успешно да 'игра' и со Слободан Милошевиќ од Србија и со Фрањо Туѓман од Хрватска, Босна и Херцеговина веројатно би завршила како српска покраина или во најдобар случај, би била поделена помеѓу Србија и Хрватска. И Милошевиќ и Туѓман брзо зажалија поради своите одлуки во периодот пред босанската независност. Се обидоа да го 'поправат' тоа, но веќе беше доцна за нивните планови. До крајот на летото 1992 година на пат им стоеше босанскиот народ.

- Тој донесе одлуки што другите не би ги донеле -

Изетбеговиќ во тој период донесе клучни одлуки за кои се сомневам дека во тоа време би ги донеле некои други босанскохерцеговски политичари. Немал намера да ја остави Босна сама со Србија во Голема Србија, но исто така знаел дека има малку сојузници за независност на други места. Тој беше човек формиран од претходните двесте години муслиманско повлекување од Европа - како генерацијата на моите дедовци - и во почетокот, како и многу други босански и муслимански лидери, настојуваше да се договори со Европа под европски услови. Го планирал тоа или не, тој заврши како првиот Бошњак и муслиман на масата и обезбеди мировното решение исто така да биде под наши услови.

Можеби остарев и омекнав, но мислам дека сè уште не разбираме колку беше тешко да се добие босанската независност и што ни одзеде тоа на секој од нас. За Алија Изетбеговиќ можеме да кажеме многу, но не можеме да кажеме дека во тоа тој не беше со сите нас или дека не била негова борбата. Да се негира тоа би значело да му се негира дека бил Бошњак и муслиман. А гордо беше и обете.

* Мислењата изразени во овој текст се на авторот и нужно не ја рефлектираат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА).




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın