Abdula Berısha
31 Декември 2019•Ажурирај: 01 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Република Северна Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваше на промовирањето на новата Единица за интервентна полиција која ќе дејствува на територијата на град Скопје, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во изјава за медиумите, Спасовски рече дека со внатрешната реорганизација, три единици се споени во една, додавајќи дека целта е да се зголеми безбедноста со тоа што ќе има поголемо присуство на полиција на улиците.
„Тргнувајќи од современите трендови за зголемена безбедност од она што е потреба на големите градови како што е нашиот главен град Скопје, и заради воспоставување стабилност, мир, јавен ред и мир, беше неопходно да направиме една реформа, сѐ со цел да имаме што е можно повеќе полициски службеници на улица. Таа беше целта заради којашто при ова реформирање практично единицата „Алфа“, Единицата за јавен ред и мир и Единицата за асистенции и спровод сега се поставени во една единица“, изјави Спасовски.
Тој исто така рече дека формирањето на новата единица го следи моделот применет во хрватскиот главен град Загреб, додавајќи дека во градовите во кои биле формирани овие единици имало значително намалување на криминалот.
„Очекуваме безбедноста во овој поглед да се зголеми, да имаме поголемо присуство на униформирани полициски службеници на територијата на градот Скопје, да бидат тука, да бидат блиски со граѓаните, да работат за спречување на секаков вид можен криминал, и впрочем, низ анализите коишто ги направивме претходно, покажавме дека секаде каде што се формирани овие единици, имаме значително намалување на криминалот во тие градови“, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи исто така рече дека во главниот град на Северна Македонија има потреба од почести интервенции, но како што изјави, зависно од потребите, може да се размислува и за формирање на вакви единици и во другите градови.