Husamedın Gına
24 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција се осврна на деталите за шверцот на 700 килограми кокаин, чија вредност при продажба на големо би достигнала цена од околу 20 милиони евра, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Спасовски истакна дека на 18 декември 2019 година Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, во рамки на меѓународна полициска операција, заедно со полициските служби на Шпанија и Колумбија, спровеле акција за лишување од слобода на членови на меѓународна организирана криминална група, коишто организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Јужна Америка во Европа.
„Од јули месец до декември“, вели Спасовски, „во соработка со јавен обвинител се преземени низа мерки за утврдување на активностите на организираната криминална група, предводена од двајца македонски државјани.“
„Целта на меѓународната операција беше сузбивање на организирана криминална група и лишување од слобода на лицата идентификувани како дел од меѓународна криминална мрежа составена од криминални соработници од Северна Македонија, Шпанија, Колумбија, Белгија и други држави“, нагласи Спасовски.
Истакнувајќи дека дрогата е запленета во Мадрид, Шпанија, на 18 декември 2019 година, Спасовски рече дека членовите на меѓународната криминална група, кои го организирале транспортот на кокаин, на лицето идентификувано како капетан на брод му исплатиле 850 илјади евра.
„Лидер на оваа група е првопријавениот В.Б., кој поради впишана забрана за патување во земјите од Европската Унија го ангажирал неговиот брат В.Б., резидент на Белгија, со кого остварувал редовни контакти во Скопје. И во период јули - декември ги договарале чекорите за пренесување и дистрибуција на кокаинот“, рече Спасовски, додавајќи дека пријавената С.С. со инструкции на В.Б. направила резервација на апартман во Мадрид, на име на неговиот брат В.Б. и го платила со сопствена кредитна картичка.
Криминалната група, според министерот Спасовски, имала средби во Скопје, Канкун, Дубаи, Србија и преку интернет-комуникација со висока заштита.
Нагласувајќи дека на 19 декември 2019 година донела наредба за спроведување истрага против две лица македонски државјани, јавната обвинителка Маја Коневска рече дека бил спроведен претрес на две локации во Скопје, при што се најдени доволно докази за да се докаже основното сомневање за вмешаноста на двете приведени лица за недозволена трговија со дрога.