Abdula Berisha
15 Ноември 2022•Ажурирај: 16 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски оствари билатерална средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина (БиХ), Селмо Цикотиќ, како и со претставници на Министерството за безбедност на БиХ, во рамки на Министерската конференција којашто се одржува денес и утре, 16 ноември во Скопје, во соорганизација на МВР и Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што стои во соопштението на МВР, на почетокот од средбата министерот Спасовски му се заблагодарил на колегата Цикотиќ за прифатената покана да биде гостин во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, како и за присуство на Министерската Конференција. И двете страни заеднички го изразиле своето задоволство од соработката во областа на внатрешните работи за која беше истакнато дека е континуирана, успешна и со несмален и силен интензитет во последните години.
„Интерес на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е унапредување и продлабочување на билатералната и оперативна соработка со Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, изразена, меѓу другото преку заложбите за подобрување и развивање на регионалната соработка, особено на полето на организираниот криминал, како и успешното спроведување на имплементациските Протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, но и заедничкото учество во Регионалните иницијативи”, рече министерот Спасовски.
Тој исто така ја потенцираше меѓусебната меѓународната оперативна соработка која се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка и истата е на високо професионално ниво, што подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија.
Во насока на справувањето со илегалната миграција, министерот Спасовски потсети дека на 26 октомври оваа година е потпишан Договорот со FRONTEX, иако Република Северна Македонија беше една од првите земји во регионот која го парафира Договорот со ФРОНТЕКС, за што министерот Цикотиќ упати срдечни честитки до министерот Спасовски. Воедно, министерот Спасовски информираше за миграциските текови, како и за состојбата на јужната граница. Во однос на бројките со илегалната миграција, министерот Спасовски го нагласи трендот на зголемување за 29,2 проценти на обидите за илегални преминувања во Северна Македонија во првите девет месеци од 2022 година.
На крајот од своето обраќање, министерот Спасовски изрази надеж за продолжување на соработката и можност истата во иднина да се прошири и на многу други полиња, што беше споделено и од неговиот колега Цикотиќ.