Admir Fazlagic
08 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со низа манифестации и трибини посветени на жената, денес во Македонија ќе биде одбележан Меѓународниот ден на жената – 8. Март, пренесува Anadolu Agency (AA).
Платформата за родова еднаквост по повод празникот ќе организира Марш за човекови права, кој ќе почне напладне од плоштадот Карпошово востание, ќе продолжи преку Камениот мост и плоштадот „Македонија“ и ќе заврши во паркот „Жена-борец“.
Националниот совет за родова рамноправност во соработка со Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ Скопје, Домот за стари лица „Мајка Тереза“ од Злокуќани и организацијата „Зур Артикрафт“ организира изложба и базар на ракотворби.
Статистиката вели дека од вкупниот број на населението во Македонија, 49,9 проценти се жени и дека тие живеат 3,9 години подолго од мажите.
Во однос на мажите, поголем е и бројот на дипломирани жени, односно 57,1 процент, како и бројот на жени магистри, односно 58,6 проценти. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година имало и 143 жени доктори на науки.
Вкупно биле вработени 282.078 жени, од кои 76,3 проценти биле вработени во компании во приватна сопственост. Над 95 проценти од жените се вработени со полно работно време.
Инаку, Меѓународниот ден на жената е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. За првпат, Денот на жената е одбележан на 28. февруари 1909 година во САД, по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година, во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените, каде што е одлучено да се прославува Меѓународниот ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19. март 1911 година, овој празник за првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.
Вообичаено на овој ден на жените им се подарува цвеќе и подароци.