Admir Fazlagikj
11 Март 2018•Ажурирај: 12 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против четворица државјани на Бугарија поради основано сомнение дека сториле кривично дело криумчарење мигранти“ откако по изврешен претрес во возило биле пронајдени осум илегални мигранти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Македонија, регионалниот центар за гранични работи- Југ до Основното јавно обинителство поднесе кривична пријава против Љ.Б.(63), П.Х.(59), И.Р.(53) и Т.Т.(24), сите од Република Бугарија, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „криумчарење мигранти“ .
Пријавените на 09.03.2018 година наутро оствариле влез на Граничен премин „Богородица“ (Македонска јужна граница) со мини бус марка „Ивеко“ со бугарски национални ознаки, управуван од првопријавениот, додека другите три пријавени лица биле негови сопатници.
„При извршени дополнителни проверки на превозното средство од страна на полициски службеници и царински работник, во посебно направен бункер во горниот дел од возилото биле пронајдени осум илегални мигранти од машки пол. Мигрантите се на возраст од 18 до 41 година, пет од нив се од Шри Ланка, а тројца од Авганистан", соопшти МВР.
Се наведува и дека во извршен разговор со мигрантите тие појасниле дека од страна на пријавените лица и непознато лице од Атина биле прифатени и за определен надомест требало да бидат превезени до Италија.
На пријавените лица им е одредена мерка притвор во времетраење од осум дена. Дел од мигрантите се сместени во Прифатниот центар, додека останатите се предадени на грчките погранични служби.