Gülşen Topçu
26 Септември 2024•Ажурирај: 27 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека Израел врши геноцид врз либанскиот народ, известува Анадолу.
Говорејќи на 79. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), Абас се осврна на нападите на Израел врз Газа, како и на актуелните напади врз Либан.
Потсетувајќи дека 75 % од Газа е уништена и станала непрепознатлива, а илјадници луѓе се убиени, Абас истакна:
„Запрете ги израелските злосторства во Газа и во Западниот Брег. Запрете ги убиствата на децата и жените. Запрете го геноцидот и престанете да испраќате оружје во Израел. Ова лудило не може да продолжи“.
Осврнувајќи се на повикот на израелскиот екстремно десничарски министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир за изградба на синагога во Месџид Ал Акса, Абас рече дека Ал Акса и неговата околина им припаѓаат на муслиманите.
Абас рече дека многупати претходно предупредувале дека окупираната палестинска држава се наоѓа на експлозивно местото и дека таа експлозија се случила на 7 октомври. Тој додаде дека повикале да седнат на преговарачка маса врз основа на решение за две држави, но наместо да го слуша гласот на разумот, Израел извршил геноцид во Газа. Тој рече дека Израел извршил и сѐ уште врши воени злосторства пред очите на меѓународната заедница.
„Израел сега го напаѓа братскиот либански народ. Израелската влада врши геноцид врз либанскиот народ. Израел треба да ја запре војната во Палестина и во Либан“, рече Абас.
Абас се повика на одлуката поднесена од Палестина до Генералното собрание на Обединетите нации, заснована на советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата (МСП) од 19 јули, која ја прогласи окупацијата на Израел на палестинска територија за незаконска и бараше Израел да го прекине присуството во окупираните територии во рок од 12 месеци. Тој им се заблагодари на земјите кои гласале за предлог законот.
Абас им се заблагодари и на активистите кои ја поддржуваат Палестина.
„Ние сме им благодарни на оние кои организираат демонстрации за поддршка на Палестина ширум светот, вклучително и САД и западните земји. Исто така благодарни сме им и на активистите кои ги ризикуваа своите животи за да дојдат во Палестина. Во оваа прилика ѝ оддаваме почит на турско-американската државјанка Ајшенур Езги Ејги. Палестинскиот народ нема да го заборави ставот на г-ѓица Ајшенур, која беше убиена од израелската окупаторска војска“, порача Абас.