Almir Terzic
15 Ноември 2020•Ажурирај: 16 Ноември 2020
САРАЕВО
Во Босна и Херцеговина (БиХ) денес од седум часот се отворени гласачките места на кои гласачите до 19 часот ќе можат да гласаат на седмите локални избори од Дејтонскиот мировен договор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Централниот избирачки список запишани се вкупно 3.283.380 гласачи кои ќе можат да го остварат своето право на гласачките места.
Од нив, 3.141.257 се однесуваат на бројот на гласачи што гласаат на редовните гласачки места во БиХ, 102.377 гласачи се пријавени да гласаат по пат на пошта, 14.059 имаат статус на раселени лица кои гласаат, 7.925 гласачи имаат статус на раселени лица кои гласаат во отсуство и 704 кои гласаат во дипломатско-конзуларните претставништва на БиХ.
Истовремено 17.058 гласачи се впишани да гласаат по пат на мобилен тим (тоа се редовни мобилни тимови, не посебните тимови за Ковид-19, за што ЦИК на БиХ ќе има извештај по изборите).
- Избори на 5.759 гласачки места и со 388 мобилни тимови
Во БиХ се формирани вкупно 5.759 гласачки места, вклучувајќи и 388 мобилни тимови.
По едно гласачко место на 15 ноември ќе биде отворено во Амбасадата на БиХ во Виена, Почесниот конзулат на БиХ во Грац, Генералниот конзулат на БиХ во Штутгарт, Генералниот конзулат на БиХ во Минхен, Амбасадата на БиХ во Осло, Амбасадата на БиХ во Белград и во Генералниот конзулат на БиХ во Чикаго.
На Локалните избори 2020 година се избираат советници во 14 градски совети во Федерацијата Босна и Херцеговина и одборници во седум собранија на градови во Република Српска, како и советници во 64 општински совети во Федерацијата Босна и Херцеговина и одборници во 56 општински совети во Република Српска, како и пратеници во Собранието на дистриктот Брчко на БиХ.
Загарантирани места за припадниците на националните малцинства предвидени се во 21 општина за 23 кандидати.
На непосредните избори се избираат и 22 градоначалници во Босна и Херцеговина и 120 началници на општините во Босна и Херцеговина.
Прв пат на локалните избори во БиХ, градоначалникот на Градот Источно Сараево се избира непосредно, во согласност со измените на Изборниот закон на Република Српска.
На тој начин, освен 120 началници и 22 градоначалници, на локалните избори 2020 година се избираат и 3.142 советници од кои 23 претставници на националните малцинства.
На изборите учествуваат 543 политички субјекти. Од тој број, 129 политички партии, 262 независни кандидати, 72 коалиции, девет листи на независни кандидати и 71 кандидат за националните малцинства.
Регистрирани се вкупно 30.809 кандидати од кои 425 кандидати за градоначалници, 30.188 кандидати за општински совети или градски совети и Собранието на дистриктот Брчко на БиХ, како и 196 кандидати претставници на националните малцинства.
Во девет изборни едници на гласачкото ливче за градоначалник се наоѓа само по еден регистриран кандидат.
Прв пат изборите се одржуваат во услови на епидемијата од коронавирусот (Ковид-19). „Почитувањето на пропишаните епидемиолошки мерки“, наведуваат од ЦИК, „не смее да биде пречка за законско одвивање на изборниот процес“.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот. Со покажување на еден од важечките документи за идентификација (лична карта, возачка дозвола, пасош), на гласачкото место, гласачот ја добива комбинацијата на гласачки ливчиња што му припаѓа и го остварува правото на гласање. Тајноста на гласачкото место е обезбедена.