Zylfije Adem Jakupi
02 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
ПРИШТИНА (АА) - Косово е рамноправен партнер во дијалогот и Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) нема да наметнуваат решенија, бидејќи Косово и Србија мора да се договорат за сеопфатен конечен договор, изјавено е на прес-конференцијата на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лајчак посочи дека соработката меѓу ЕУ и САД во дијалогот е многу блиска и дека дијалогот меѓу Косово и Србија се смета за клучен приоритет за Западен Балкан. Тој додаде дека во дијалогот со Србија, Косово е целосно рамноправен партнер.
„Нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија ќе донесе придобивки, бидејќи граѓаните се уморни од статус кво. Ние целосно ги почитуваме принципите на Косово во дијалогот, а тоа се суверенитетот, интегритетот и уставноста“, рече Лајчак.
„На средбите со косовските претставници и лидерите на опозициските политички партии во претходните два дена беше изразена поддршка за дијалог“, нагласи Лајчак, додавајќи дека неговиот мандат е да го олесни постигнувањето сеопфатен договор.
„ЕУ смета дека двете страни останува да се договорат, ние не наметнуваме решенија. Верувам дека тоа ќе се постигне“, оптимист е Лајчак.
Американскиот пратеник Ескобар рече дека оваа администрација, како и претходните, целосно ја поддржува независноста на Косово. Тој оцени дека Вашингтонскиот договор им помогнал на страните да создадат дипломатски простор за дијалог. Тој истакна и дека мора да се спроведат сите досегашни договори, како и оној за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, но нагласи дека тука не дошле со решение кое би било наметнато.
„Мојот став во однос на создавањето на Унијата на општини е дека не треба да има модели кои ја загрозуваат функционалноста на Косово. Она што го кажав е дека има многу модели и за нив треба да се преговара. САД не наметнуваат модели“, рече Ескобар.
Во однос на Унијата на општини, Лајчак посочи дека ова прашање е постојано присутно во разговорите и оцени дека ништо не може да му се наметне на Косово како полноправна страна во дијалогот и дека Приштина не треба да се плаши туку да излезе со својот мислење.
„Никој не ја сака Република Српска на Косово, но договореното мора да се спроведе. Тоа им го кажавме и на двете страни, на Приштина и на Белград. Многу е договорено и многу реализирано, но мора да се реализира и Заедницата на општини. Да ја смениме реториката, наместо да кажуваме што не сакаме, да кажеме што сакаме“, рече Лајчак.
Тој наведе дека што се однесува до конечниот договор, нема конфликт меѓу позициите и ставовите на САД и ЕУ, бидејќи Брисел не исклучува никаков резултат, а одговорност на двете страни е да се договорат што ќе биде конечниот резултат.
Лајчак рече дека косовските Срби имаат право да гласаат на изборите што се одржуваат во Србија, но дека тоа не е прашање во процесот на дијалогот и дека што и да одлучи Приштина, тоа ќе влијае на дијалогот.