Bojana Stojanovic
22 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
БЕЛГРАД
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина и други регионални прашања во Западен Балкан Мирослав Лајчак вечерва во Белград рече дека очекува дијалогот да продолжи во јули во Брисел, со цел да се постигне сеопфатен договор што ќе ги нормализира односите, јавува Anadolu Agency (AA). .
„Јас лично сум посветен да го продолжам дијалогот под покровителство на ЕУ, без одложување и со цел да постигнеме сеопфатен договор што ќе ги нормализира односите, ќе ги реши нерешените прашања и ќе биде одржлив и прифатлив и за регионот и за членките на ЕУ“, рече тој на заедничката прес-конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тој посочи дека како медијатор, не е дојден за да изврши притисок врз одреден договор, туку да им помогне на страните да постигнат договор кој ќе функционира и за двете страни и за двата народа.
„Очекувам дијалогот да продолжи во јули во Брисел“, додаде тој.
Лајчак потсети дека местото на Србија е во Европа.
„Србија е дел од Европа. Вашите проблеми се наши. Но, знаете дека вашиот пат е поврзан со дијалогот“, рече Лајчак.
Тој изрази желба Србија да напредува во дијалогот.
„Србија, во согласност со одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации, целосно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ“, рече Вучиќ, додавајќи дека заложбата на Србија кон европската иднина не може да се одвои од европското покровителство во тие разговори.
Тој исто така рече дека Лајчак, со својот авторитет, знаење и интегритет, може да гарантира објективност во посредувањето на дијалогот.
Вучиќ оцени дека ниту едно решение не може да биде лесно за Србија и дека кога ќе започнат разговорите, нема да има лесни прашања, додавајќи дека негова цел е да обезбеди иднина за сите граѓани на Србија, заштита на споменици на Српската православна црква и заштита на српскиот народ на Косово.
Тој посочи дека Србија влегува во разговорите со добра намера, но дека го очекува тоа и од другата страна, а не само Приштина да ги доставува своите барања.
Вучиќ рече дека сакал да разговара и за формирањето на Унијата на српските општини и изрази надеж дека ќе се постигне компромис.
Тој истакна дека очекува дијалогот да продолжи, дека Србија ги цени напорите на САД, но дека очекува продолжување на дијалогот под покровителство на ЕУ, бидејќи тој дијалог е поврзан со европската перспектива на Србија.