Лидерот на Движењето Самоопределување и кандидатот за премиер на Косово Албин Курти и неговата коалициска партнерка Вјоса Османи, која ја врши должноста претседателка на Косово, прогласија победа на предвремените парламентарни избори, кои ги нарекоа „референдум", јавува Агенција Анадолија (АА).
- Парламентарни избори во Косово: Преброени 50 отсто од гласовите
- ЦИК: На парламентарните избори во Косово гласаа 47 отсто од гласачите
- Косово: Затворени гласачките места на предвремените парламентарни избори
- Косово: Политичките лидери гласаа на предвремените избори
Курти во првото обраќање по убедливата победа на изборите на кои „Самоопределување" освои околу 48 отсто гласови, рече дека ова е резултат без преседан во Косово по војната.
„Оваа голема победа вечерва, само е можност да ја започнеме промената која ја посакуваме", рече Курти додавајќи: „Нема да се осветуваме никому, ќе бараме одговорност за се и секаде. Значи, правда без освета".
Курти рече дека ги чека многу работа со многу пречки.
„Без инает и реваншизам, без мито за бизнизите, без корупција и непотизам во администрацијата, со институционална и социјална правда, со индивидуална реципрочна одговорност ќе ја развиеме и ќе ја демократизираме нашата земја", рече Курти.
Тој рече дека победиле младите, жените и дијаспората на која и се заблагодари на илјадници поминати километри за да дојдат на гласање, како и стотици евра потрошени за гласањето преку пошта.
Курти им се заблагодари и на политичките противници на фер натпреварувањето, без инциденти и им посака успешна реформа затоа што косовската демократија има потреба за квалитетна опозиција која ја контролира власта.
Вјоса Османи, вршител на должноста претседател на Косово и кандидатка за пратеничка на листата на „Самоопределување", рече дека е постигнат историски успех на овие избори.
„Денес на сите им стана јасно кои го ставаат личниот интерес пред националниот, кои своите интереси ги ставаат пред интересите на луѓето, граѓаните на Косово знаат кога тоа е доволно и знаат кога е време за ново поглавје", рече Османи.
Таа порача дека новите институции ќе ја вратат довербата на граѓаните во политиката, дека ќе направат отклон од лошото и минатото и дека ќе бидат во служба на граѓаните
„Нашата мисија останува јакнење на нашата државност на патот на евроатланските интеграции со вечно пријателство со Соединетите Американски Држави", рече Османи.
Таа рече дека ќе биде гласот на граѓаните кој недостасуваше.
Врз основа на 90 отсто пребројани гласови според податоците на Централната изборна комисија, Самоопределување освои 47,83 отсто од гласовите.
На второ место е Демократската партија на Косово (ПДК) со 17,31 отсто, додека Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) е трет со 13,37 отсто од гласовите.
ЦИК соопшти дека излезноста на гласачите изнесуваше 47 отсто.