Zülfiya Yakup
03 Февруари 2019•Ажурирај: 04 Февруари 2019
ПРИШТИНА (АА) - Собранието на Косово, нешто пред полноќ, по повеќечасовна дебата, го усвои Нацрт-законот за задачите, одговорностите и надлежностите на Државната делегација на Република Косово во процесот на дијалогот со Република Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
„За“ гласаа 61 пратеник, немаше гласови против, а пратениците на опозициските партии на Демократскиот сојуз на Косово и движењето Самоопределување не учествуваа во гласањето. На гласањето му претходеше остра расправа меѓу пратениците на владејачката коалиција и опозицијата.
Вицепремиерот и член на Државната делегација за дијалогот со Србија, Енвер Хоџај, претставувајќи го Нацрт-законот истакна дека неговата цел е почитување на стратешките интереси на Косово, и дека со него се одредуваат линиите над и под кои во дијалогот не може да се оди. Тој додаде дека овој закон ѝ дава мандат на косовската делегација, но и ја надгледува оваа делегација, и така ја одредува политичката одговорност кон граѓаните.
Пратениците од Демократскиот сојуз на Косово и движењето Самоопределување, кои претходно одбија да бидат дел од Државната делегација за дијалогот со Србија, оценија дека оваа државна делегација претставува само камуфлажа за претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој во реалноста го води дијалогот со Србија и прави планови за делење на Косово.
Шефот на пратеничката група на Самоопределување, Глаук Коњуфца, истакна дека овој закон е слаб и штетен, и рече дека Собранието треба да усвои документ со кој се запира претседателот Тачи да го води дијалогот со Србија. А пратеничката на Самоопределување, Албулена Хаџиу, соопшти дека нејзината пратеничка група Нацрт-законот за задачите, одговорностите и надлежностите на Државната делегација на Република Косово во процесот на дијалогот со Република Србија ќе го испрати до Уставниот суд на Косово на проверка на неговата уставност.