Zylfije Adem Jakupi
02 Ноември 2020•Ажурирај: 03 Ноември 2020
ПРИШТИНА
Во Косово во последните 24 часа детектирани се 486 новозаразени со коронавирусот, додека 9 пациенти ги загубија животите од последиците предизвикани со Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Националниот институт за јавно здравје на Косово (НИЈЗК) информираше дека од тестирањето на 1.374 примероци сомнителни на коронавирус, позитивни се 486.
Од февруари досега во Косово се спроведени 97.148 тестирања, од кои 20.655 биле позитивни на Ковид-19, со 697 смртни случаи.
Во последните 24 часа излечени се уште 30 пациенти, со што бројката на оздравени се зголеми на 15.641. Во моментов има 4.317 активни случаи на зараза со коронавирусот.
Министерот за здравје на Косово, Арменд Земај, и директорот на НИЈЗК, Насер Рамадани, оценија дека епидемиолошката ситуација во земјата е сериозна и со тенденција за влошување. Бројката на луѓе погодени од коронавирусот е 120 заразени на 100.000 жители, поради што Министерството за здравство на Косово и НИЈЗК постојано ја следат ситуацијата и доколку е потребно, ќе препорачаат и ќе преземат дополнителни мерки за заштита на јавното здравје на граѓаните на Косово.
Владата на Косово соопшти дека меѓународните партнери изразиле потполна поддршка на мерките што ги презела косовската Влада, и побарале дополнително ангажирање во следењето на ситуацијата. Според нивните зборови, ако е потребно, не би требало да се исклучи заострување на мерките поради контрола на ширењето на вирусот и одржување на здравствениот систем.
Сите страни се согласни да ги интензивираат комуникациите со цел преиспитување на епидемиолошката ситуација и во случај на потреба, да се преземат потребните мерки во согласност со создадената ситуација.