Zylfije Adem Jakupi
23 Октомври 2020•Ажурирај: 23 Октомври 2020
ПРИШТИНА
На службеникот од Државниот трезор на Косово, Лабинот Груда, Основниот суд во Приштина му одреди притвор од месец дена на барање на Основното обвинителство поради сомнеж дека го оштетил косовскиот буџет за повеќе од два милиони евра, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На обвинетиот, како што е образложено, вчера му е одреден притвор затоа што би можел да избега за да избегне кривична одговорност и да не го попречува текот на кривичната постапка со влијание на сведоци и други соучесници. Страните имаат право на жалба на Апелациониот суд на Косово.
Обвинетиот Лабинот Груда се сомничи дека на 9 октомври 2020 година во својство на службеник ја злоупотребил својата службена положба така што извршил трансакции во износод 2.077.995,90 евра на адреса на едно претпријатие, со што нанел штета на косовскиот буџет во истиот износ.
Министерката за финансии на Косово Хикмете Бајрами, која ја извести јавноста за оштетувањето на косовскиот буџет во износ од околу два милиони евра, рече дека се извршени четири сомнителни трансакции од трезорот, кои отишле во една приватна компанија. Таа нагласи дека двајца службеници се суспендирани, а дека еден од нив е уапсен.
Министерката Бајрами за овој случај ја известила Комисијата за надгледување на јавните финансии на Собранието на Косово. Како што е соопштено од Собранието, министерката истакна дека сето ова се случило со фалсификување, додаваќи дека веќе постојат сите траги на овој економски и кибер криминал.
Министерката Бајрами истакна дека размислувала за оставка од морални причини, но според неа, оставката би била во корист на оние кои се вклучени во целиот случај, кои треба да добијат заслужена казна. Таа изрази очекување дека органите на правосудството ќе ја извршат својата работа.
Премиерот на Косово Авдулах Хоти коментирајќи го случајот за исчезнувањето на два милиони евра од Трезорот на Косово, рече дека на измамниците не им е место во јавните институции и дека сите одговорни ќе бидат изнесени пред лицето на правдата.