Балкан, Коронавирус

Косово: Објавени конечните резултати од предвремените парламентарни избори

„Движењето Самоопределување освои вкупно 49,95 отсто од гласовте, ПДК освои 16,9 отсто, ЛДК освои 12,64 отсто, додека ААК освои 7,07 отсто од гласовите. Српска листа освои 5,06 отсто“

Agim Sulaj  | 04.03.2021 - Обновена : 05.03.2021
Косово: Објавени конечните резултати од предвремените парламентарни избори Фото: Erkin Keçi/AA

ПРИШТИНА (АА) - Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) ги објави конечните резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 14 февруари во Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателката на ЦИК, Валдете Дака, на прес-конференција ги објави резултатите, според кои победник на овие избори е движењето Самоопределување, по кое следуваат Демократската партија на Косово (ПДК), Демократската унија на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК).

„Движењето Самоопределување освои вкупно 438.334 гласа или 49,95 отсто. ПДК освои 148.296 гласа или 16,9 отсто. ЛДК освои 110.978 гласа или 12,64 отсто. ААК освои 62.111 гласа или 7,07 отсто. Српска листа освои 44.404 гласа или 5,06 отсто“, рече Дака.

Таа истакна дека според резултатите, движењето Самоопределување освои 58 пратенички места, ПДК освои 19 пратенички места, ЛДК освои 15 пратенички места, Српска листа освои 10 пратенички места, ААК освои 8 пратенички места, Турската демократска партија на Косово (КДТП) освои 2 пратенички места, Ромска иницијатива освои 2 пратенички места, Обединетата заедница - Адријана Хоџиќ освои едно пратеничко место, Коалицијата Вакат освои едно пратеничко место, Нова демократска иницијатива на Косово освои едно пратеничко место, Нова демократска партија освои едно пратеничко место, Единствена горанска партија освои едно пратеничко место, и Партијата за интеграција на Ашкалиите освои едно пратеничко место.

Кандидатот кој освои најмногу гласови од сите листи според конечните резултати е Вјоса Османи која на изборите се натпреваруваше во рамки на листата на пратеници на движењето Самоопределување, и освои вкупно 300.788 гласа.

На изборите на 14 февруари биле регистрирани вкупно 1.815.927 гласачи, од кои 814.122 го искористиле своето право на глас. Излезноста на овие избори беше 48,78 отсто.

По објавувањето на овие резултати, политичките субјекти и кандидатите во рок од 24 часа имаат право на жалба на Панелот за жалби и потоа на Врховниот суд на Косово.

Резултатите ќе бидат заверени по истекувањето на рокот за жалби, со цел да се отвори патот за формирање на новите институции на Косово. По заверувањето на резултатите од изборите од страна на ЦИК, Собранието треба да се формира во рок од 30 дена.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın