Agim Sulaj
02 Февруари 2023•Ажурирај: 03 Февруари 2023
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека формирањето на Заедницата на српски општини со српско мнозинство косовската страна може да го разгледа под неколку услови, а еден од нив е да мора да биде во согласност со Уставот на Косово, пренесува Анадолу.
Обраќајќи се во Собранието на Косово, премиерот Курти рече дека покрај тоа што Асоцијацијата мора да биде во согласност со Уставот, постојат уште пет услови.
Според Кутри, втор услов е дека Асоцијацијата не може да биде еднонационална и дека „мора да се смени името, дека не може да има извршни овластувања, дека ќе служи исклучиво за соработка меѓу општините, врз основа на Законот за локална самоуправа“.
Трет услов е дека мора да има реципроцитет на правата, т.е. дека сите права што ги имаат Србите во Косово, мора да ги имаат и Албанците во Србија.
„Генерално гледано, има повеќе Албанци во Србија отколку што има Срби во Косово“, рече Курти.
Четврт услов за формирање на Заедницата е пред основањето „да се згаснат нелегалните структури на Србија на северот [на Косово] и да се предаде сето нелегално оружје“.
„Асоцијацијата може да биде дел од конечниот договор дури откако ќе се спроведе меѓусебно признавање“, рече Курти, наведувајќи го петтиот услов.
Косовскиот премиер истакна дека последен услов е „претседателот на Србија да ги повлече писмата упатени до пет земји членки на ЕУ да не го прифатат барањето на Косово за членство во ЕУ“.
Формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е договорено со Договорот потпишан во 2013 година, во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, кој од 2011 година се води со посредство на Европската Унија.