Zylfije Adem Jakupi
02 Февруари 2021•Ажурирај: 03 Февруари 2021
ПРИШТИНА (АА) - Претставниците на институциите вклучени во организацијата и одржувањето на предвремените парламентарни избори на Косово на 14 февруари порачаа дека за квалитетен изборен процес е неопходна меѓуинституционална соработка на сите актери, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Централната изборна комисија на Косово, Валдете Дака, која беше домаќин на денешниот собир, истакна дека и покрај предизвиците, изборите мора да се одржат во согласност со законите.
„Организацијата и одржувањето на изборите е еден од најголемите и најсеопфатните процеси за земјата, и Косово веќе има традиција во тој поглед. Се разбира, успешното завршување на таквата операција е невозможно без меѓуинституционална поддршка и соработка. Стана традиција да се собираме во секој изборен процес да зборуваме со еден глас и со единствена цел да служиме за заштита и унапредување на основните права и слободи на нашите граѓани“, рече Дака.
Таа посочи дека заедничката цел на сите институции е изборниот процес да се одвива во согласност со законот и да реагираат кога се нарушени интегритетот на изборите и правото на глас. Дака истакна дека ЦИК, и покрај многуте предизвици, вклучително и краткото време, е целосно посветена на исполнувањето на задачите што произлегуваат од Уставот и законите што се на сила за општите избори.
Генералниот директор на косовската полиција, Самедин Мехмети, рече дека по објавувањето на изборите, косовската полиција развила оперативен план на централно ниво, кој ги предвидува сите превентивни мерки за секоја фаза од изборниот процес.
Националната координаторка за избори, Лаура Пула, пред Канцеларијата на државниот обвинител на Косово, изјави дека обвинителскиот систем е посветен на слободното гласање на граѓаните. Таа нагласи дека Обвинителството именувало 88 обвинители и 40 службеници од обвинителскиот систем, кои ќе бидат чувари на заштитата на глас на денот од изборите.
Таа изјави дека во случај на злоупотреба на гласовите, граѓаните ќе бидат казнети.
„Државното обвинителство и косовската полиција ќе ги уапсат и притворат сите гласачи и одговорни официјални претставници кои на кој било начин се обидуваат или влијаат на злоупотребата на слободното гласање“, изјави Пула.
Инаку, денес започна гласањето преку пошта за предвремените парламентарни избори закажани за 14 февруари. Предизборната кампања ќе трае од 3 до 12 февруари.