Zülfiya Yakup
23 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Според прелиминарните податоци на Централната изборна комисија, во 18 од 38 косовски општини ќе се одржи втор круг на гласање за четири недели, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во сите поголеми градови градоначалниците ќе бидат познати по вториот круг на гласање. Лидерите и на Демократскиот сојуз на Косово и на Демократската партија на Косово (PDK) синоќа прогласија победа сметано на национално ниво, според бројот на освоени гласови.
Врз основа на пребројаните 90 отсто од гласовите во главниот град Приштина, во вториот круг одат досегашниот претседател Шпенд Ахмети од „Самоопределување“, кој освои 43,42 отсто од гласовите и Арбан Абраши од Демократскиот сојуз на Косово (LDK) со 35,91 проценти.
Во Призрен, вториот по големина град во Косово, води кандидатот на ПДК, Шаќир Тотај со 29,66 проценти, втор е Митахер Хаскука од „Самоопределување“ со 22,43 отсто.
Во Јужна Митровица, врз основа на 99 отсто од преброените гласови, во водство е Валдете Идризи од ПДК со 29,56 отсто, а влегува во вториот круг заедно со досегашниот градоначалник Агим Бахтири од Алијансата ново Косово (AKR), кој освои 27.10 отсто од гласовите.
Во Гњилане, досегашниот претседател Љутфи Хазири од ЛДК со 43,30 отсто од гласовите оди во вториот круг со Сами Куртеши од „Самоопределување“, кој доби 26,97 отсто.
Во Ѓаковица води Ардиан Ѓини од АИК со 40.76 отсто, а во вториот круг ќе се натпреварува со актуелната претседателка Мимоза Кусари-Лила од Алтернатива која има 31,49 отсто гласови.
Демократскиот сојуз на Косово на Иса Мустафа победи во првиот круг во општините Косово Поље, Липљан и Витина. Во двете големи општини, Пеќ и Подуево, кандидатите на ЛДК се на половина од гласовите, па мора да се почека да заврши пребројувањето. Во Пеќ, Газменд Мухаџери од ЛДК води со 50,35 отсто, додека во Подуево прв е Агим Велиу од ЛДК со 48,37 отсто од гласовите.
Во општините Јуник и Дечани победи Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај, додека Демократската партија на Косово (ПДК) на Кадри Весели победи во Глоговац.
Во Скендерај и Елез Хан, победија независни кандидат.
Во 9 од 10 општини со српско мнозинско население веќе во првиот круг победија кандидатите од „Српската листа“ и тоа во Северна Митровица, Звечани, Лепосавиќ, Зубин Поток, Партеш, Ранилуг, Ново Брдо, Грачаница и Штрпце, додека во Клокот ќе се оди на втор круг гласање, каде што исто така води кандидатот на „Српска листа“ и тоа со 42,08 отсто, а вториот кандидат е Граѓанската иницијатива Клокот-Врбовац со 37,62 отсто.
Во единствената општина со турско мнозинско население, Мамуша, во првиот круг победи Турската демократска партија на Косово.
Според податоците на Централната изборна комисија, излезноста на изборите изнесувала 43,82 отсто од регистрираните гласачи.