Vesna Besic
11 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
ПОТОЧАРИ (АА) - На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари конечниот мир го пронајдоа уште 50 жртви на геноцидот извршен летото 1995 година на подрачјето на Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во тишина и во кругот на семејството се спуштени табутите со 50 нецелосни тела.
Сите жртви што се погребани оваа година, со исклучок на девет жртви кои се ексхумирани од масовната гробница на локалитетот Добро Поље кај Калиновик, која е откриена во јуни 2021 година, ексхумирани се од масовни гробници што се откриени во текот на претходните години, некои од нив дури 1997 година и 1999 година, како што се Липље, Пилица, потоа откриени во гробници во 2001, 2004, 2006, 2011 година.
Еден број на жртвите е ексхумиран од масовни гробници што се пронајдени во Каменица, долината на смртта, во текот на 2001, 2007, 2008 година. Посмртните останки на некои жртви се пронајдени во две или дури три масовни гробници.
По неколку години барање и чекање семејствата сега имаат каде да дојдат и да проучат Фатиха (да се помолат) за своите најмили.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари се клањаше џеназа намаз и се изврши закоп на 50 жртви на геноцидот, извршен летото 1995 година на подрачјето на Сребреница.
Конечниот мир денеска на гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари го пронајдоа близнаците Хасановиќ.
Семир и Самир имаа само 20 години кога се убиени во геноцидот извршен на подрачјето на Сребреница летото 1995 година.
Родени се во 1975 година во Прохиќи кај Сребреница. Нивните посмртни останки се ексхумирани од различни масовни гробници откриени на локалитетите Липље и Каменица.
Семир и Самир се погребани покрај братот Исмет и таткото Кадрија, кои во Поточари се погребани претходно.
Најмладата жртва што денес е закопана на колективниот погреб во Поточари е Салим Мустафиќ роден 1979 година во местото Токољаци кај Сребреница. Во моментот на смртта имал само 16 години.
Неговите посмртни останки се ексхумирани од масовната гробница Липље кој Зворник, во 2006 година.
Освен Салим, закопани се уште двајца малолетници кои во моментот на смртта имале само 17 години - Вахид Смајловиќ (1978) и Елвир Муминовиќ (1978).
Најстарата жртва што денеска е закопана е Хусеин Крџиќ, роден 1936 година.