Abdula Berisha
08 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
OХРИД (AA) - Во Охрид започна Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“, со свечено отворање на кое присуствуваа лидери од регионот и меѓународни претставници, јавува Агенција Анадолија (AA).
На отворањето, покрај домаќинот, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обратија и премиерот на Албанија, Еди Рама; претседателот на Србија, Александар Вучиќ; премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ; претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија; европскиот комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, како и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој им се обрати на присутните преку видеоврска.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во својот говор рече дека ова е време на големи предизвици и дека иницијативата „Отворен Балкан“ е заложба за стабилен регион, за соработка и економски развој.
Според него, „Отворен Балкан“ веќе ги дава првите резултати за бизнисмените, со побрз промет на стоки меѓу земјите учеснички, притоа додаде дека целта е дополнително да се намали бирократијата и да се зголеми довербата.
„Одиме понатаму со крупни чекори. Денеска ќе потпишеме нови договори и меморандуми за соработка. Со заемно признавање на дипломите и научните звања од високообразовните и другите овластени институции во трите земји, ќе ја забрзаме постапката на создавање единствен пазар на трудот“, рече Ковачевски.
Тој најави и соработка во областа на туризмот, додавајќи дека заеднички ќе се промовира „Отворен Балкан“ како атрактивна регионална туристичка дестинација.
Ковачевски, исто така, рече дека војната во Украина е ризик за влијанието на трети страни на Балканот, додавајќи дека Европската Унија (ЕУ) мора да признае дека интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ е стратешко и безбедносно прашање.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека треба да се зборува многу отворено, без страв дека тоа може да доведе до повеќе проблеми.
Тој рече дека е свесен за посебните односи меѓу Србија и Русија, како и за конфликтот меѓу Србија и Косово, но дека „колку повеќе се приближуваме, толку се поголеми шансите за решавање на конфликтите“.
Нагласи дека ова е прв самит на иницијативата „Отворен Балкан“ од почетокот на војната во Украина.
„Војната во Украина го прави Отворениот Балкан уште поголема потреба отколку што беше пред да започне оваа војна, која ги изненади сите“, рече Рама.
И премиерот Рама го изрази своето задоволство што на Самитот се присутни и лидерите од Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во својот говор рече дека оваа иницијатива е „наша и на луѓето од Балканот, на оние кои сфатија дека можат да се поврзат и да ги решат сопствените проблеми“.
Тој нагласи дека земјите учеснички во иницијативата „Отворен Балкан“ немаат речиси никакви билатерални проблеми, па дури и успеале да ги решат прашањата кои се отворени повеќе децении.
„Горд сум што од иницијативата што ја покренавме, што никој не ја следеше или никој не ја интересираше или се мислеше дека е предодредена на пропаст од почеток, денес не можевте да влезете од луѓе и новинари, а сите се заинтересирани за напредок на целиот регион“, рече Вучиќ.
Тој повика и што поскоро да се формираат работни групи кои ќе се грижат за заемна помош за прашањата за храната и енергијата.