Vesna Besic
14 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
САРАЕВО (АА) - Делови од интервјуто кое членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, го даде за „Deutsche Welle“ (Дојче Веле), новинската агенција Танјуг го пренесе погрешно, надвор од контекст и тенденциозно, искривувајќи ја самата суштина на изјавата, соопштено е од Кабинетот на членот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Се наведува дека така пренесената информација предизвикала серија непримерни и предимензионирани реакции. Уредништвото на Танјуг од Кабинетот на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина е предупредено дека информациите кои ги имаат пренесено не одговараат со вистината, во што лесно може да се увери со прегледување на видео-интервјуто кое е достапно за целокупната јавност.
„Наместо да ја исправат очигледната лажна вест која ја пласираа, од Танјуг продолжија да ја мамат јавноста, искривувајќи ги фактите и пласираат нови невистини. Со тоа стана јасно дека Танјуг не згрешил случајно, туку дека зад тоа стои нечија намера за нарушување на односите меѓу Босна и Херцеговина и Србија, и да фрли сенка и создаде лоша атмосфера во пресрет на посетата на Претседателството на Босна и Херцеговина на Белград“, истакнаа од Кабинетот на членот на Претседателството на БиХ.
Интервјуто на Изетбеговиќ за Дојче Веле, во кое, меѓу другото, се осврна и на прашањето за признавањето на Косово, велејќи дека за негово решавање потребен е консензус на ниво на БиХ и додавајќи: „што се однесува до мене, Косово досега требаше да биде признаено“, предизвика бурни реакции кај српските политичари во Србија и Босна и Херцеговина.
На констатацијата на новинарот на Дојче Веле во врска со тоа дека БиХ има најлоши односи со Косово од сите држави во регионот, и на прашањето: „дали ќе ја признаете Република Косово“, членот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, одговори:
„За признавањето на Република Косово, и не само за тоа, туку и за подобрување на односите со Косово, за визниот режим, потребен е консензус на ниво на БиХ. Значи, јас сум оној кој упорно бараше во најмала рака да се решат овие технички проблеми, комуникацијата на луѓето, бизнисмените; БиХ економски трпи што има проблем во комуникацијата на стоки и луѓе со Косово. Јас сум оној кој е еден генератор кој ги турка овие работи да се случат ... Можете сигурно да претпоставите кој е тој што ја поддржува таа сопирачка, тоа се српските политичари во Босна и Херцеговина, кои често се поригидни и од политичарите од Србија ... А, без тројката не може да ги решите меѓународните односи ... "
На прашањето колку БиХ губи на економски план поради моменталната ситуација во врска со признавањето на Косово и колку е тој (Изетбеговиќ) во таквата ситуација во можност да се бори за правата на Бошњаците во Косово, Изетбеговиќ одговори дека се надева на созревање на односите на Балканот и созревање на ставот на српските политичари во БиХ, кој може да го запрат секој процес.
„Се надевам на едно созревање на односите на Балканот и созревање на ставот на српските политичари во БиХ, кои може да го запрат секој процес. Тоа е проблемот на Босна и Херцеговина, имате пет актери и секој од нив може да сопре сѐ, секој од нив без образложување може да сопре сѐ во Босна и Херцеговина. По тоа ние сме еден уникум. Што се однесува до мене, Косово досега требаше да биде и признаено. Еве, сега ќе се налутат моите колеги Срби, но нашите обиди да се стори тоа само им нанесоа штета на односите внатре во БиХ, ништо не му помогнаа на Косово“, рече Изетбеговиќ во интервјуто за Дојче Веле.