Abdula Berisha
29 Март 2024•Ажурирај: 01 Април 2024
СКОПЈЕ (АА) - Северна Македонија и Италија потпишаа технички договор за вклучување на Италијанските воздухопловни сили во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо, јавува Анадолу.
Договорот беше потпишан во Центарот за обука на пилоти во касарната лоцирана во близина на скопскиот аеродром од страна на министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана, Гвидо Кросето.
Во изјава за медиумите по потпишувањето на договорот, министерката Петровска рече дека одлуката Република Италија со своите воздухопловни сили да се приклучи на мисијата на НАТО за воздушна патрола е донесена кон средината на минатата година.
„Често споменуваме дека алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не може да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело. Италијански и грчки воздухоплови, во координација со Македонското воено воздухопловство ја гарантираат безбедноста на небото над Република Северна Македонија“, рече министерката Петровска.
Таа изрази задоволство за силната соработка со Италија, нагласувајќи дека „фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.“
Италијанскиот министер Кросето рече дека се чувствува почестен што го потпишал „историскиот“ договор со кој се предвидува италијанската одговорност кон Северна Македонија.
„Италија, заедно со Грција, ја презема одговорноста да го заштити небото на Северна Македонија и ова, повеќе од кој било збор, докажува колку е важно да се биде во НАТО. Затоа што да се биде сојузник значи да ги ставите вашите сили достапни на другите земји за да ги заштитите секогаш кога им е потребно“, рече Кросето.
Тој додаде дека Италија е почестена што работи во оваа насока и е почестена за довербата што Северна Македонија ја има во Италија.