Vesna Besiç
07 Октомври 2018•Ажурирај: 08 Октомври 2018
САРАЕВО (АА) - Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Бакир Изетбеговиќ, по гласањето во Сараево, порача дека сега е време да се натпреваруваат во тоа кој ќе направи повеќе добри работи за БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Заврши предизборната кампања, одзивот утринава, како што слушам е добар, подобар од предвидувањата. Се надевам дека ќе имаме добри резултати, дека ќе можеме да направиме коалиции кои ќе ја повлечат земјата напред“, рече Изетбеговиќ, по гласањето на општите избори во БиХ.
Тој потсети дека овие денови се натпреварувале меѓу себе.
„Сега е време да се натпреваруваме во тоа кој повеќе добро ќе направи за БиХ. Моментот е тежок. Гледаме дека постојат закани, сепаратистички, дека се сменети разни рамки, глобални, европски, балкански; навистина ова се важни избори. Важно е да превагнат партиите кои се за оваа земја, кои се зрели, референтни и можат да ја повлечат земјата напред“, нагласи Изетбеговиќ, наведувајќи дека тоа повторно ќе биде коалиција.
Изборите се спроведуваат за членови на Претседателството на БиХ, од кои два, од бошњачкиот и хрватскиот народ се бираат од Федерацијата БиХ, и еден од српскиот народ, од ентитетот Република Српска (РС).
Се бираат и 42 пратеника во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, и тоа 28 од пет изборни единици во Федерацијата БиХ, и 14 од три изборни единици во РС.
Истовремено, во РС, меѓу 36 кандидати се бира претседател и два потпретседатели на РС кои не можат да бидат од ист конститутивен народ.
Право на глас на изборите имаат вкупно 3.352.933 гласачи во БиХ, меѓу кои 2.092.933 гласаат во Федерацијата БиХ, а 1.260.597 во РС.