Балкан

Изетбеговиќ: „Не може ентитет да ѝ наредува на државата“

„Не може ентитет да ѝ наредува на државата како од шведска маса. Не може господин Додик да наметнува своја волја...“

Alma Çekovic  | 19.08.2019 - Обновена : 20.08.2019
Изетбеговиќ: „Не може ентитет да ѝ наредува на државата“

САРАЕВО (АА) - Нема да има именување на мандатар за Советот на министри на Босна и Херцеговина сè додека не се реши прашањето за Годишниот национален план (АНП), потврди Бакир Изетбеговиќ, претседател на СДА и претседател на Домот на народите при Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (БиХ).

За време на неговата посета на Регионалната канцеларија на Anadolu Agency (AA) во Сараево, Изетбеговиќ се осврна на утрешните две седници на Претседателството на БиХ, на кои е планирано разгледување на Годишниот национален план (АНП) за пристапување на БиХ во НАТО и именување мандатар за формирање на новиот состав на Советот на министри на БиХ.

Да потсетиме, на 5 август лидерите на СДА, ХДЗ и СНСД постигнаа договор за формирање на Советот на министри на БиХ и ги потпишаа Принципите за формирање на власта на државно ниво. Во меѓувреме, во јавноста се појавија различни толкувања на договорот што Изетбеговиќ, како претседател на СДА, го потпиша со претседателите на ХДЗ и СНСД, Драган Човиќ и Милорад Додик.

На прашањето дали ќе има мандатар за Советот на министри без Годишниот национален план (АНП), Изетбеговиќ одговори:

„Таа работа ја разјаснивме пред девет месеци. Значи, денес можам само да потврдам - нема именување мандатар без АНП, односно без почитување на Уставот на БиХ и владеењето на правото, без почитувањето на сите стратегии и на сето останато што го наведовме во членот 3 од договорот што го потпишав со Човиќ и Додик. Нема именување на мандатар сѐ додека не се реши прашањето за АНП“, рече Изетбеговиќ.

Како што кажа, по реакциите на членовите на Претседателството, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, претпоставил дека би можело да дојде до одложување на седницата со цел да се даде шанса за испочитување на споменатиот член од договорот.

Изетбеговиќ смета дека утре нема да дојде до пропаѓање на договорот за формирање на власта и најавува дека ќе се бара компромис во наредните две или три недели.

„Тоа ќе потрае. Компромис ќе се бара во наредните 15-20 дена. Иако седницата на Претседателството на БиХ се повтори и овие рокови на 5 септември, важно е да се постигне компромис. Со сигурност нема да се откажеме од работите што се поважни од самиот пат кон НАТО, а тоа е почитување на Уставот, владеење на правото. Не може ентитет да ѝ наредува на државата како од шведска маса. Не може господин Додик да наметнува своја волја, да се изразам така, на пробосански ориентираниот дел на коалицијата. Ние тоа нема да го дозволиме по никоја цена“, порача Изетбеговиќ и додаде дека е неопходно меѓусебното почитување и почитувањето на Уставот и владеењето на правото.

Изетбеговиќ се осврна и на односите меѓу БиХ и Турција. Тој истакна дека во тој поглед ќе продолжи интензивната соработка.

„Мислам дека претседателот Реџеп Таип Ердоган веќе во наредните месец-два ќе дојде на трилатералата во Србија и дека тогаш свечено ќе го објави започнувањето на изградбата на Автопатот Сараево - Белград. Ќе се продолжи со економската и политичката соработка и една многу добредојдена поддршка од Турција која ни помага да решиме одредени односи на Балканот, пред сè, меѓу Бошњаците и Србите, но носи и инвестиции. Компензира одредени работи кои се проблематични во Европа. Во овој миг во Европа растот на индустријата и индустриското производство е во опаѓање, така што консумацијата на нашите производи е малку помала во однос на Европа и тука ни се потребни инвестиции како изградба на автопати, за да го продолжиме трендот на создавање нови работни места“, рече Изетбеговиќ.

Бакир Изетбеговиќ денес беше пречекан од Хакан Челик, директор на Регионалната канцеларија на Аnadolu Аgency (AA) во Сараево, и уредничкиот колегиум, кои го запознаа со работата на Агенцијата, која емитува вести на 13 светски јазици. Во текот на посетата на редакцијата, Изетбеговиќ ја погледна и изложбата на фотографии на АА од настаните што го одбележаа 15 јули 2016 година - неуспешниот обид за пуч во Турција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.