Vesna Besic
09 Јули 2021•Ажурирај: 11 Јули 2021
СРЕБРЕНИЦА (АА)
- Весна Бешиќ
Гробовите на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, кој многумина го нарекуваат Долина на бели надгробни споменици, ги посетуваат семејствата на убиените во геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, пишува Агенција Анадолија (AA).
Татковци и мајки, членови на семејствата на убиените, ги посетуваат своите најблиски кои беа погребани претходните години на гробиштата на Меморијалниот центар.
Во сенката на Долината на белите надгробни споменици, во близина на гробовите на двата сина, кои беа погребани еден покрај друг, ги сретнавме родителите Изет и Арифа Османовиќ.
Изет успеал да избега од Сребреница во јули 1995 година. Како што рече, имал среќа и успеал да излезе од овој град со жени и деца и мал број мажи.
„Моја среќа беше што го носев внукот на моето рамо. Поминав покрај едниот војник и тој не ми рече ништо, но му мавна на другиот за да ме врати. Ќерка ми рече да скокнам на камионот и тоа го направив. Така што имав некоја среќа. Излегов на камион. Двајцата браќа ме одделија од колоната“, рече Изет.
Синовите Мухидин (22) и Мирзет (16) отишле со колона мажи преку шумата, обидувајќи се да стигнат до слободната територија. Тие не успеаја. Нивните останки беа пронајдени во една од масовните гробници во околината на Зворник. Претходно, пред геноцидот, во Сребреница загинал уште еден од нивните синови, Вахидин.
Мајката Арифа зборува за синовите и плаче. Ги гушка белите надгробни споменици со имињата на убиените синови.
„Кај Зворник беа пронајдени нивните коски. Доаѓам да ги посетам гробиштата уште некој пат додека сум жива. Не можам пак да дојдам на погреб. Имаме уште само една ќерка и двајца внуци. Не можам на никого да опишам како е да се дојде тука, кој не го доживеал тоа, не може да му се каже какво е чувството. Но човек мора да живее, не може да умре сосила. Мора да се живее, не можеш жив во земја“, изјави Арифа, велејќи дека посмртните останки на едниот син биле пронајдени во повеќе масовни гробници.
Додека раскажува, ги набројува имињата на многубројни членови од поблиската и подалечната фамилија кои се убиени во геноцидот и закопани во гробиштата во Меморијалниот центар. Како што ни рекоа, им треба цел ден и многу сила за да ги посетат сите гробишта во Долината на бели надгробници.
Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари досега се закопани 6.652 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година, додека на другите локации, а според желбите на семејствата на жртвите, се закопани уште 237 жртви од геноцидот. Сѐ уште се трага по околу 1.000 жртви од геноцидот.
На колективниот погреб на 11 јули во Поточари ќе бидат закопани посмртните останки на уште 19 новоидентификувани жртви од геноцидот извршен во летото 1995 година.