Admir Fazlagic
27 Мај 2017•Ажурирај: 28 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Зоран Заев повторно е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на 22. Конгрес на партијата, што се одржа денеска во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
На конгресот се бираа претседател на партијата, заменик претседател, членови на централниот и на надзорниот одбор.
Радмила Шекеринска останува заменик - претседател на партијата, а во текот на наредната недела ќе бидат избрани и четворица потпретседатели.
Откако беше реизбран за претседател на СДСМ, Заев од своите сопартијци, поддржувачи и од граѓаните побара да продолжат да работат заедно и темелно.
„Да создадеме општество на еднакви вредности и шанси. Тоа е патот до ЕУ и НАТО. Македонија има со што да се гордее, граѓаните со пенкало срушија режим и се на чекор до нова Влада. Направивме многу, ќе направиме уште повеќе, подготвен сум на тој пат. Уште оваа вечер подгответе се на патувањето наречено живот. Да го донесеме животот во Македонија за сите", рече Заев.
Претходно тој порача дека Република Македонија и нејзините граѓани имаат големи предизвици и дека само неполитизирано општество може да обезбеди значителен економски развој.
„Ќе работиме на создавање, а не на рушење. Тоа се нашите стратешки определби: демократија, отвореност, слобода, просперитет, еднакви можности. Наши партнери се Европската унија и НАТО и наша цел е да ги обезбедиме евро-атлантските перспективи", порача Заев.
Заменик-претседателот на СДСМ, Шекеринска, рече дека четири години целта им била да создадат доверба кај сите оние со кои соработувале за доброто на Македонија.
На Конгресот присуствуваа поранешниот претседател Бранко Црвенковски, гости од Европскиот парламент и гости од сестрински партии од соседните држави, како и претставници од други политички партии во земјава.