БЕЛГРАД - Претседателот на Чешката Република, Милош Земан, денеска изјави дека Туркије, Србија и Кина би можеле да бидат медијатори во разговорите меѓу Украина и Русија, бидејќи тие три земји задржаа неутрален став по прашањето за војната, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земан на прес-конференцијата по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, истакна дека Туркије би можела да биде посредник бидејќи го заслужила тоа благодарение на тоа што помогнала да се одржи договорот за извоз на украинско жито.
Тој му се заблагодари на Вучиќ што му кажал дека кога ќе почине, улица во Белград ќе биде именувана по него во знак на благодарност што Земан, меѓу останатото, е единствениот претседател на земја членка на НАТО кој ѝ се извини на Србија за бомбардирањето во 1999 година.
„По прашањето на Северноатлантската алијанса, не го осудив само бомбардирањето на Србија, туку своевремено јавно го осудив и напуштањето на Авганистан, што според мое мислење го отвори патот за победа на талибанците... Од друга страна, целосно ја поддржувам помошта што земјите на НАТО и Европската Унија ѝ ја пружаат на Украина, вклучувајќи ја и помошта за бегалците“, рече Земан.
Тој истакна дека цени што Србија го осуди нападот на Русија на Украина, бидејќи, како што рече, ниту една земја не смее без причина да го нападне својот сосед.
Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека зборот „мир“ во светот е „забранет“ и дека ниту мисиците ниту мистерите не можат на натпреварите да кажат дека се за мир, туку да „победи оној другиот“.
Истакна дека бидејќи е така тој не може да се преправа дека е најголемиот алтруист во светот и додаде дека бидејќи треба да се грижи за економијата и индустријата на Србија, „српската наменска индустрија ќе има многу вложувања и многу промени со цел да може да заработува пари и да го продава своето оружје“.
„Ние не го продаваме нашето оружје ни на Русија, ни на Украина, но ќе го продаваме на сите други, а тие нам и да ни напишат дека нема да го продаваат на бојното поле, тоа секако секогаш некако завршува на некое бојно поле, и тоа ќе биде потребно уште повеќе“, рече Вучиќ.
Нагласи дека со Земан потполно се сложил во осудата на нападот на руските сили врз Украина, и додаде дека никогаш и на ниту еден начин не крие дека го почитува територијалниот интегритет на Украина.
Вучиќ најави дека Србија ќе продолжи да помага, и дека е спремна да „гради одредени места во Украина“, за што добила понуда од украинскиот амбасадор.
Српскиот претседател потсети дека Србија е единствената која не вовела санкции кон Русија и оцени дека тоа е единствен став во Европа кој е лесно да се објасни кога ќе се види со какви предизвици се соочува Србија кога станува збор за територијалниот интегритет и суверенитет, кога ќе се земе предвид кој ја поддржува Србија во Советот за безбедност на Обединетите нации и со оглед на тоа дека на Србија ѝ се воведени санкции во текот на 1990-тите години.
На прашањето за ставовите на Чешка и Србија за војната во Украина, Вучиќ истакна дека во голем дел се согласува со Земан и истакна дека Србија единствено бара „да бидеме свои на своето - не сакаме ништо туѓо, никого да не задеваме“.
Српскиот претседател рече дека Донбас, Запорожје, Херсон, Каховка и Крим за Србија се делови од Украина, дека нема проблем да го каже тоа, и додаде дека Србија ги почитува резолуциите на Обединетите нации, Советот за безбедност на Обединетите нации и поредокот на ОН, но дека прашањето е за сите други зошто не го почитуваат поредокот на ОН и резолуцијата 1244.
Тој ги праша членките на Квинтата што очекуваат од Србите, „да ги почитуваат сите други резолуции, а да не ја почитуваат само својата резолуција 1244“.
Вучиќ потсети дека Чешка ја има признаено независноста на Косово, но рече дека цени што нема претставник во Приштина.
Прашан за изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека „меѓународната заедница и неговата земја го анектирале Косово и го зеле од Србија“, Вучиќ рече дека видел само една реченица и дека треба да ја слушне изјавата на хрватскиот претседател во целост.
news_share_descriptionsubscription_contact
