Zülfiya Yakup
22 Октомври 2017•Ажурирај: 23 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во Косово, во 19 часот затворени се гласачките места, каде што граѓаните со право на глас ја бираа новата локална власт.
Изборите генерално се одвиваа непречено, но се забележани и неправилности, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на Централната изборна комисија објавени на интернет страницата на комисијата, до 19 часот во Косово гласале околу 43 отсто од запишаните гласачи. Податоците на мрежата невладини организации „Демократија на дело“, укажуваат дека до 16 часот својот глас го искористиле 32,68 отсто од гласачите, што е околу 618.000 гласачи. Речиси 1,9 милиони граѓани имаа право на глас да изберат нови претседатели на општини и советници на општинските Собранија, кои ќе ја водат локалната власт во наредните четири години.
Иако процесот генерално помина мирно, имаше мали нерегуларности и инциденти.
Набљудувачите од „Демократија на дело“, известија дека имало обиди за гласање повеќе од еднаш во 86 случаи, семејно гласање во 3.060 случаи ширум Косово, а имало и проблеми со избирачките списоци, поточно гласачи во 511 случаи не можеле да го најдат своето име на листата.
Во текот на денот, на граничниот премин Јариње во северниот дел на Косово, во автобус пронајдени се две рачни гранати и два електрични детонатора, кои се безбедно деактивирани.
Бесим Хоти, заменик-директор на косовската полиција за регионот север, во изјава за АА потврди дека пронајдени се експлозивни направи при рутинска контрола на автобус, кој од Србија влегувал во Косово, и дека задржани се три лица.
Денес во Косово се гласаше во 899 избирачки центри, на 2.505 избирачки места. На локалните избори се натпреваруваа 91 политички субјект, меѓу кои една коалиција, 35 политички партии, 30 граѓански иницијативи и 25 независни кандидати.
Локалните избори ги набљудуваа повеќе од 33 илјади набљудувачи кои ги претставуваат политичките субјекти, невладините организации, меѓународните организации, амбасадите, како и домашни и странски медиуми. Првите прелиминарни резултати од изборите се очекуваат околу 23 часот.