Балкан

Заев: „Пензионерите ги поставија темелите на нашиот заеднички дом“

„Вие пензионерите сте нашите најзаслужни граѓани кои активно учествувавте во градењето на државноста. Вие ги поставивте темелите на нашиот заеднички дом, нашата земја, Република Северна Македонија“, нагласи Заев

Husamedin Gina  | 07.06.2019 - Обновена : 09.06.2019
Заев: „Пензионерите ги поставија темелите на нашиот заеднички дом“ (Foto: Husamedin Gina/ AA)

СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Сојузот на здруженија на пензионери, а под покровителството на Владата на Северна Македонија, денеска во Домот на Армијата во Скопје се одржа деветтата Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри 2019, јавува Anadolu Agency (AA).

На ревијата свое обраќање имаше премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, кој истакна дека манифестацијата треба да ги исполни целите за градење на едно солидарно општество во кое ќе се почитуваат вистинските вредности. 

„Вие пензионерите сте нашите најзаслужни граѓани кои активно учествувавте во градењето на државноста. Вие ги поставивте темелите на нашиот заеднички дом, нашата земја, Република Северна Македонија. Од тие причини, ние, сегашните генерации, сме должни да ви изразиме неизмерна почит и благодарност“, нагласи премиерот Зоран Заев.

Истакнувајќи дека Владата презеде обврска да се грижи за највозрасните граѓани, пензионерите, Зоран Заев рече дека заедно со Министерството за труд и социјална политика се исправени неправдите и сега два пати годишно пензиите се усогласуваат со трошоците за живот.

Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова, истакна дека манифестацијата добила поголемо значење со присуството на премиерот.

„Ние пензионерите постојано велиме дека пензионерските ревии се верни чувари на нашиот фолклор, кој се состои од песни, музика, игри, обичаи, легенди, преданија, носии и накит“, истакна Трајкова, додавајќи дека со песната, музиката и орото, народот ја искажува болката, тагата, радоста, нешто што не смеел или не можел поинаку да го искаже.

На ревијата со песни, музика и игри настапија 25 пензионерски здруженија од вкупно 53 здруженија членки на Сојузот на здруженија на пензионери од земјата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.