Admir Fazlagic
06 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Граѓанска асоцијација „МОСТ" денес се одржа конференција на тема „Одвојување на државата од политичките партии“, кадешто присуствуваа и говореа претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, шефот на делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар, а учесници беа и останати претставници на меѓународната заедница, претставници на институциите, политичките партии, како и граѓанскиот сектор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од граѓанската асоцијација „МОСТ", целта на настанот беше да се дискутира за механизмите кои треба да придонесат кон одвојување на државата од политичките партии, особено во пресрет на тековните локални избори, вклучувајќи ги и мерките предвидени во Планот 3-6-9 за справување со овој проблем.
„Одвојувањето на државата од политичките партии е даден збор, заложба и определбата на новата Влада на Република Македонија", истакна Заев при отварањето на конференцијата.
Тој потенцираше дека токму затоа Владата донесе серија заштитни мерки преку Планот 3-6-9, оосбено во пресрет на локалните избори.
„Сите политички лидери треба да го искористат изборниот процес за повторно да ја потврдат и демонстрираат својата посветеност на демократските вредности и владеењето на правото, така што престојните избори ќе можат да претставуваат чекор напред кон патот за интеграција на земјата во ЕУ“, посочи амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар.
Во контекст на предложените мерки на новата Влада, Дарко Алексов, претседател на Граѓанската асоцијација „МОСТ" истакна: „Останува да се види како овие мерки ќе бидат имплементирани во пресрет на локалните избори и дали ќе придонесат кон обезбедување одвоеност на државата од политичките партии. Од друга страна, потребна е и силна политичка волја од сите политички партии за да се гарантира независноста на јавната администрација, како и зголемена свесност и придонес од сите општествени чинители за справување со ова прашање.“
На конференцијата говореа и Александар Бајдевски, заменик министер за информатичко општество и администрација, Беса Арифи, универзитетски професор, Алберт Муслиу, аналитичар, претставници на политичките партии како и претставници на граѓанскиот сектор.
Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Патоказ кон демократски реформи“, и е поддржана од Националниот Фонд за демократија.