Zülfiya Yakup
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
ПРИШТИНА (АА) - Министерството за внатрешни работи на Србија утринава не дозволи Карате репрезентацијата на Косово да влезе во Србија, каде што требаше да учествува на Европското првенство за сениори што се одржува во Нови Сад, јавува Anadolu Agency (AA).
Назми Гаши, секретар на Карате федерацијата на Косово, за АА потврди дека косовските каратисти биле вратени рано утринава од граничниот премин „Мердаре“. Гаши рече дека ова е одлука на државата Србија, иако целта на заминувањето на спортистите било спортско натпреварување.
Во медиумите последните неколку дена се шпекулираше дека Србија нема да им дозволи на косовските каратисти да се натпреваруваат под симболите на Република Косово. Гаши истакна дека немало преговори со Карате сојузот на Србија за употребата на симболите, бидејќи Косово е полноправна членка на Европската карате федерација. „Се чувствуваме многу лошо, бидејќи ова е политичка одлука на државата Србија“, рече Гаши.
Косово од 2016 година е редовна членка на Европската карате федерација и до сега се натпреваруваше и на светски, и на европски првенства.