СКОПЈЕ (АА) - Високите европски претставници повикаа на постигнување внатрешнополитички консензус во Северна Македонија за усвојување на уставните измени, за да може земјата да оди напред кон целосна интеграција во Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.
По 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација Северна Македонија - ЕУ, што за прв пат се одржа во Скопје, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и еврокомесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји, одржаа заедничка конференција на која учествуваше и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека со одржувањето на состанокот во Скопје, а не во Брисел, се праќа порака дека се оценува напредокот на Северна Македонија.

„Одржувањето на состанокот овде денес навистина покажува дека ЕУ ви се приближува и исто така покажува дека Западен Балкан е и ќе продолжи да биде клучен приоритет за ЕУ и важен дел од нашата геополитичка димензија“, рече Борел.
Тој истакна дека со одобрувањето на преговарачката рамка во јули минатата година, вратата за полноправно членство е отворена, додавајќи дека денеска имале можност да видат што постигнала Северна Македонија во однос на исполнувањето на економските и политичките критериуми.
Борел истакна дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ, бидејќи според него „само обединети ќе можеме да се соочиме со предизвиците на тешкото геополитичко опкружување“.
Тој повика да се создадат услови за усвојување на уставните амандмани кои потекнуваат од преговарачката рамка, каде меѓу другото се предвидува вклучување на Бугарите во Уставот како национално малцинство.
„Ова е клучна година. Договорот од јули е најдобриот договор што можете да го добиете и нереално е да се верува дека ова може повторно да се отвори и да биде предмет на нови преговори. Вашата иднина во ЕУ се заснова на оваа основа. Сега е време за политичките партии да ги исполнат своите обврски и сериозно да работат на продолжување на овој пат“, рече Борел.
Високиот претставник на ЕУ ги поздрави одлуките на Северна Македонија за одобрување санкции против Русија, притоа оценувајќи ја и улогата на земјата на меѓународната сцена, споменувајќи го и претседавањето со ОБСЕ.

Еврокомесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји, рече дека одржувањето на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје е многу силен политички сигнал од ЕУ кон Северна Македонија, нагласувајќи дека оваа средба симболизира дека Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ.
Тој изјави дека е многу важно земјата да не запре со реформите, туку да ги забрза, нагласувајќи ја важноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Потребно ни е национално единство за да го унапредиме зачленувањето. Ние, се разбира, ќе продолжиме со нашата работа од наша страна за да ја забрзаме основата на преговарачкиот процес. Од наша страна, ние сме подготвени! Но, ни треба Северна Македонија да преземе сличен чекор. Значи, за да се случи ова, Владата и Парламентот мора да ја забрзаат работата на реформскиот процес“, рече Вархеји.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на прес-конференцијата ја оцени средбата како успешна и историска, истакнувајќи дека ова е првиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се одржува во Скопје.
Тој рече дека со европските партнери направиле пресек на состојбите и спроведувањето на реформите.

„Република Северна Македонија практикува европски вредности и немаме сомнеж дека одиме по исправниот европски пат. Работата на Владата е поставена на линија на европската агенда, и колку и да звучи амбициозно, јас и сите ние во Владата веруваме дека Република Северна Македонија во моментов има политички капацитети коишто можат да придонесат по успешно завршениот скрининг-процес во ноември, со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ“, рече Ковачевски.
Тој изјави дека земјата има целосна поддршка од ЕУ за полноправно членство, додавајќи дека ЕУ ќе го интензивира ангажманот на сите нивоа.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за време на престојот во Скопје меѓу другото ќе се сретне и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и со претставници на парламентарните политички партии.
news_share_descriptionsubscription_contact
