Admir Fazlagic
07 Февруари 2020•Ажурирај: 09 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во Северна Македонија, Самуел Жбогар, одржа средба со новинарите, во чии рамки тема беше новата методологија за проширување на ЕУ и во однос на новата методологија истакна дека е одлична вест и вин-вин ситуација за ЕУ и за Западен Балкан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во просториите на делегацијата на ЕУ во Скопје, Жбогар одржа брифинг со новинарите на кој говореше за новата методологија за проширување на ЕУ, а пред брифингот даде изјава за медиумите.
Според Жбогар, методологијата е добра вест за ЕУ бидејќи таа препознава дека проширувањето е стратешка инвестиција за Унијата со цел таа да биде стабилна и обединета.
„За регионот е важно бидејќи го реафирмира фактот дека полното членство е крајната цел на процесот. Целта на документот е да се рестартира и забрза процесот кој загуби дел од енергијата од двете страни, но и да се врати довербата на двете страни“, изјави Жбогар.
Додаде дека за двете страни „целта е да се премине од помалку за помалку на повеќе за повеќе“.
„Тоа значи да се внесе повеќе искреност од двете страни на заедничкиот пат. За земјите кандидати тоа значи дека кога ќе кажат дека прават реформи, вистински да го реформираат општеството, а не само да се носат закони. Од страна на ЕУ значи искреност кога зборуваме за процесот на прошурување дека вистински мислиме дека патот води кон членство во ЕУ“, рече Жбогар, додавајќи дека има уште работи кои Северна Македонија треба да ги направи во однос на евроинтеграцискиот процес и партнерството со ЕУ.
„Има работи што сѐ уште треба да се направат за да се демонстрира посветеноста на европската иднина од страна на Северна Македонија. Да се продолжи со добрите реформи, да се спроведат фер и демократски избори и да се продолжи со добрососедските односи“, додаде Жбогар.
Во однос на Законот за јавно обвинителство, амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија ја повтори изјавата од еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, истакнувајќи дека Европската комисија не го стави Законот за јавно обвинителство како услов, но дека овој закон е нешто што треба да се направи од повеќе причини. Според Жбогар, со носењето на овој закон ќе се покаже промена на начинот на мислење бидејќи е потребно да се направи минимумот за отворање на преговори, кон тоа како да се искористат максимално преговорите за промена на државата, за да младите луѓе не си заминат.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во средата ја презентираше новата методологија за проширување. Тој рече дека преговорите со западнобалканските земји ќе бидат градени врз темелите на доверба, јакнење на политичките односи, динамичноста и предвидливоста.
По објавувањето на новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, изјави дека ги поздравува напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите заедно во усовршен процес“, изјави Димитров.
Потсетуваме, Европскиот совет на Самитот во Брисел во октомври минатата година не донесе одлука за датум за почнување на пристапни преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија. По ваквата одлука, следуваше лидерска средба иницирана од претседателот на Северна Македонија на која политичките лидери се договорија за одржување предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година.