Zafer Fatih Beyaz
06 Октомври 2019•Ажурирај: 06 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, утре ќе допатува во Србија каде што ќе учествува на вториот состанок на Високиот совет за соработка меѓу Турција и Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Одделот за комуникација при турското Претседателство, Ердоган ќе учествува на вториот состанок на Високиот совет за соработка меѓу Турција и Србија, кој ќе се одржи под водство на Ердоган и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а ќе учествуваат и министри, како и други функционери.
За време на средбите ќе се разговара за сите димензии на билатералните односи, како и за чекорите кои може да се направат за продлабочување на соработката.
Исто така, ќе се разменуваат мислења во врска со регионални и меѓународни прашања.
Во рамки на посетата на Ердоган, што ќе се реализира на 7 и 8 октомври, ќе се организира и Бизнис-форумот Турција - Србија.
Посетата на Ердоган е во чест на 140. годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Исто така, во овие рамки ќе се реализираат отворањата на проектите реализирани од страна на ТИКА во Србија, како и на бројни фабрики отворени од страна на турските компании.
Се очекува во Белград да се одржи Трилатералниот состанок меѓу Турција - Босна и Херцеговина - Србија, формиран со цел зајакнување на мирот и стабилноста на Балканот, на кој ќе учествуваат Ердоган, Вучиќ, како и Жељко Комшиќ, претседателот на Претседателскиот совет на Босна и Херцеговина.
Во овие рамки се предвидува да се реализира и церемонијата за поставување камен-темелник на Автопатот Сараево - Белград, со учество на овие лидери.