Oktaj Omeragikj
10 Октомври 2024•Ажурирај: 11 Октомври 2024
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, престојува во официјална посета на Албанија. По свечениот прием од страна на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, и заедничкиот состанок, претседателот Ердоган замина во Владата на Албанија каде што се сретна со премиерот Еди Рама, јавува Анадолу.
По тет-а-тет средбата со албанскиот премиер и средбата на делегациите, се премина на потпишување договори за соработка меѓу Албанија и Туркије.
Двете земји потпишаа 4 договори за соработка.
Претседателот Ердоган и албанскиот премиер Рама потпишаа Заедничка декларација за продлабочување на стратешкото партнерство што е воспоставено со формирањето на Советот за соработка на високо ниво меѓу Владата на Република Туркије и Владата на Република Албанија.
Потпишани се и меморандум за соработка во областа на односите со јавноста и комуникации, Декларација за намера за соработка меѓу Министерството за земјоделство и шумарство во областа на земјоделското осигурување поддржано од државата и Протокол со кој Техничкиот универзитет Истанбул ќе отвори академски филијали и програми во Албанија.
По потпишувањето на договорите за соработка, Ердоган и Рама одржаа заедничка прес-конференција. Претседателот Ердоган во таа прилика истакна дека продолжуваат со заеднички напори за зголемување на обемот на трговска размена меѓу двете земји на 2 милијарди долари во првата фаза.
Во врска со поддршката на воено поле, турскиот претседател рече:
„Ќе ја обезбедиме неопходната поддршка за потребите во воената опрема и обуката на Вооружените сили на нашиот стратешки партнер и сојузник во НАТО, Албанија.“
Ердоган истакна дека со албанскиот премиер разговарале и за борбата против терористичките организации. „Со премиерот Рама се осврнавме на заедничката борба против терористичките организации, особено ФЕТО. Ќе ја продолжиме нашата борба против терористичките организации“, порача тој.
Турскиот претседател се осврна и на ситуацијата во Појасот Газа и израелските напади, велејќи: „Геноцидот што се случува веќе една година во Газа е заеднички срам за целото човештво. Како меѓународна заедница треба да дадеме сѐ од себе за да обезбедиме траен прекин на огнот, испорака на хуманитарна помош и притисок врз Израел“.