Alma Dekovic
06 Септември 2022•Ажурирај: 07 Септември 2022
САРАЕВО (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е голем лидер и државник кој дојде во Босна и Херцеговина со пакет помош без политички условувања, изјави денеска во Сараево, Милорад Додик, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додик на заедничката конференција со турскиот претседател Ердоган, претседавачот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, и со членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, рече дека посетата на Ердоган е една од најважните за БиХ.
„Ова е една од важните посети која ја бележи времето и дава поттик за решавање на проблемите. Ова е важна работа за личните карти, ние ја поддржуваме. Подеднакво, како и низа други прашања, од развојот на индустриските зони до тоа да се формира посебен заеднички тим, односно работна група меѓу двете земји за справување со енергетиката, која денес станува една од најважните теми во современиот свет“, рече Додик.
Тој посочи дека сите знаат за емоциите што турскиот претседател Ердоган и неговата земја ги имаат кон БиХ, но дека е неопходен прагматизам за да се решат работите и да се постигне напредок.
„Само емоциите не можат да придонесат. Сакам да му се заблагодарам на претседателот Ердоган, пред сè, затоа што влијаеше на БиХ, во клучните моменти, да ѝ се обезбедат потребните количини вештачко ѓубриво, за нашето земјоделско производство да биде стабилно и да не биде загрозено од недостаток на ѓубриво“, рече Додик.
Тој додаде дека Ердоган го гледа како „голем лидер и државник“ и смета дека неговиот однос кон Босна и Херцеговина се заснова на „емоции и симпатии“.
„Го гледам како голем лидер и државник. Неговиот однос кон нас во БиХ е со емоции и симпатии. Прагматизам кој укажува на кој начин треба да се реши, а тоа е дека ние овде во БиХ треба заедно да дојдеме до нашите најдобри можни решенија, без можност тоа да биде наметнато од страна. Најдобар доказ е токму претседателот Ердоган, кој доаѓа овде со пакет помош за БиХ, без да поставува никакви политички услови. Ова е нешто што би можело да биде пример за многу други, особено оние од Западот кои доаѓаат овде малку бесни, да ни држат лекции како да го организираме нашето општество и да ни остават неред што треба да го средуваме долги години. Тој прагматизам што го гледаме овде навистина помага и сакам да ви се заблагодарам“, нагласи Додик.
Тој нагласи дека го поддржува пристапот БиХ да го зачува својот интегритет и суверенитет во согласност со Уставот и Дејтонскиот договор.
„Во тој поглед, споделуваме одредени вредности во однос на Европската Унија. Но, сакам да кажам дека значително го изгубивме нашиот ентузијазам што се однесува до ЕУ... Нашиот ентузијазам од пред неколку години не може да се измери ниту денес. Се губи довербата во ЕУ и нејзината способност да управува со процесите и тоа е нешто што треба да го имаме на ум“, рече Додик.
По прашањето за НАТО, членот Додик потсети дека Туркије е важна членка на сојузот и еден од неговите најголеми финансиери.
„Ги разбираме нивните внатрешни причини кои доведоа до тоа Туркије да биде членка на НАТО. Подеднакво, во БиХ, без оглед на различните претстави и понекогаш шпекулации, не постои консензус за земјата да стане членка на НАТО. Во таа насока, на сцената ја имаме Програмата за реформи, која повторно е во застој и таму пишува дека со оваа програма не постојат предрасуди за членството во НАТО“, рече Додик.
Тој повтори дека Ердоган е несомнено еден од најважните лидери на овој дел од светот.
„Европа губи, и речиси не постојат препознатливи лидери за кризите што доаѓаат. Сите ние треба да бидеме малку загрижени за тоа. Знаеме дека без силни лидери нема решенија. Во таа насока, на претседателот Ердоган му посакувам сè најдобро, пред сè здравје и успешна работа во управувањето со сложената не само внатрешна ситуација во Туркије, туку, би рекол, регионална и глобална, бидејќи несомнено претседателот Ердоган е еден од светските лидери. Пристапот да се почитуваат сите подеднакво во БиХ е најдобар можен. Туркије го покажува тоа“, изјави членот на Претседателството на БиХ.
На крајот тој додаде дека средбите со Ердоган се една од ретките можности кога членовите на Претседателството не се скарани.
„Тука имаме добра, пријателска атмосфера и тоа несомнено е резултат на она што го покажува и докажува претседателот Ердоган. Моите луѓе, оние кои ме поддржуваат и мојот народ знаат дека претседателот Ердоган е пријател на сите нас овде“, заклучи Додик.