Admir Fazlagic
26 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - По случајот со физичките пресметки во Истражниот затвор - Скопје (КПУ Затвор - Скопје) од 21 февруари 2019 година, во кои беа вклучени притворените поранешни министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, директорот на затворот, Ѓоко Котевски, и формално ја поднесе својата оставка до Владата на Република Северна Македонија, соопштија од затворот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Директорот на затворот подготвил извештај за случувањата во затворот на 21 февруари во кои се констатирани пропусти и прекршувања на протоколите за работа од страна на службата за обезбедување.
Се наведува дека како резултат на пропустите бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот вербален и физички инцидент, иако постоеле можности за превенција.
Покрај оставката на директорот, согласно утврдените наоди во извештајот, покренати се дисциплински постапки за инволвирани лица кои ги прекршиле протоколите за работа.
Извештајот е доставен до Управата за извршување на санкции, до Министерството за правда и до Владата на Република Северна Македонија за натамошно постапување.
Јанакиески и Ристовски во средата, 20 февруари, беа приведени на распит по барање на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните во Собранието на 27 април 2017 година, кога стотици демонстранти, кои насилно влегоа во зградата на Собранието, повредија околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и медиумски претставници.
По инцидентот во затворот на Јанакиески му е заменет притворот со мерка куќен притвор.